Connect with us

МАКФУДБАЛ – Тим на 21.коло

Вардар и Работнички ги остварија првите пролетни победи, а Шкупи триумфираше на гостувањето против Академија Пандев. Шкендија на квалитет рутински ја доби Беласица, а единствен без голови беше дуелот во Кратово меѓу Силекс и Ренова. 

МАКФУДБАЛ го издвои најдобриот тим за 21.коло.

1. УРОШ ЃУРИЌ (РЕНОВА)

Голманот на „гипсарите“ беше еден од најзаслужните што Ренова освои бод на гостувањето во Кратово, посебно што играше со играч помалку во одреден период од мечот. Тој имаше неколку одлични интервенции и успеа да ја сочува својата мрежа. 

2. ВЛАДИЦА БРДАРОВСКИ (ВАРДАР)

Десниот бек на Вардар има офанзивни карактеристики, умее многу често да се приклучи во нападот и да создаде шанса пред противничкиот гол. Го правеше тоа често на дуелот против Македонија ЃП, за прв пролетен триумф на вардарци. 

3. МУАРЕМ БАЈРАМИ (ШКУПИ)

Игра одлично и на стоперската позиција, Како поранешен одличен играч за врска, техниката ја има во ’малиот прст’, а со искуството одлично го надополнува и поставувањето во одбраната. Бајрами е командант во одбраната на Шкупи.

4. ВЛАДИМИР ДИМИТРОВСКИ (РАБОТНИЧКИ)

Повремениот репрезентативец одигра на репрезентативно ниво. Беше стабилен во одбранбените задачи и го постигна победничкиот гол вреден три бода за Работнички против Победа. 

5. ГЛЕДИ МИЦИ (ШКЕНДИЈА)

Тој е одличен на левата странична позиција, а на дуелот со Беласица го покажа целиот потенцијал уфрлувајќи се во офанзивата. Во одбраната стандардно добар и мошне квалитетен. 

6. ФИЛИП НАЈДОВСКИ (ВАРДАР)

Што е твое ќе си дојде. Не му признаа фантастичен гол на дербито против Шкендија, но Филип Најдовски продолжи со одлични игри во дресот на Вардар. Прераснува во една од најважните алки во составот на Александар Васоски. 

7. ХУАН ФЕЛИПЕ (ВАРДАР)

На мајсторот не му беше потребно многу време за да се врати и да блесне во полн сјај. Неговите квалитети се неспорни, тој е еден од најдобрите странци во лигата, а потсети на тоа на мечот против Македонија ЃП.

8. ОСТОЈА СТЈЕПАНОВИЌ (МАКЕДОНИЈА ЃП)

Го постигна голот на колото. Искусниот играч за врска на Македонија ЃП се уште има квалитет и за репрезентативни дострели. „Лавовите“ загубија од Вардар, но тој покажа дека се уште е меѓу најдобрите. 

9. ВИКТОР АНГЕЛОВ (ШКУПИ)

Напаѓачот на Шкупи игра во одлична форма, беше забележителен во својот тим на гостувањето против Академија Пандев и го постигна вториот гол. 

10. АГИМ ИБРАИМИ (ШКЕНДИЈА)                  

И кога е болен, тој е фантастичен. Тренерот Ќатип Османи го поштеди и го остави на клупата од стартот, но потоа му укажа шанса на дуелот со Беласица, и тој на гледачите им подари прекрасен гол од слободен удар. 

11. ИЗАИР ЕМИНИ (ШКЕНДИЈА)

Во отсуство на Бесарт Ибраими, погледите на соиграчите се свртени кон Изаир Емини. Тој е ударната игла во нападот и никогаш не разочарува. Беше стрелец на првиот погодок во триумфот против Беласица и одигра одличен натпревар.     

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови