Connect with us

МАКФУДБАЛ – Интервју со ГОРАН ПАНДЕВ: Сега и на Европско ќе се „плашат“ од Македонија

Пишува: Никола Ѓуровски

Сега се бесмртни, влегоа во историјата, испишаа нови страници со златни букви. Што би рекол Тони, ја разгалија душата, ни го исполнија срцето. Македонија е на Европско, тоа некогаш не сме можеле ни да го сонуваме. Сега го живееме. Што и да напишеме, не можеме доволно да им заблагодариме. А тие велат, сите сме дел од успехот, Македонија цела на Европско гордо ќе „гази“.

Игор Ангеловски ги сплоти, го убеди Горан Пандев да се врати во националниот тим, а тој е предодреден да биде херој на нацијата. Тоа треба да го имаш во себе…Гранде Пандев е ХЕРОЈ НА ГОДИНАТА во изборот на МАКФУДБАЛ. 

Таква голема ѕвезда со европски сјај, а толку непосреден, едноставен, добричина, човечиште. Скромно вели „фала, фала“ и кога ќе му кажете дека е ХЕРОЈ во изборот на МАКФУДБАЛ. И искрено, вакво новогодишно интервју, да ти е мерак да го „навезеш“…Летаат букви, извираат емоции и ќе останат уште многу ненапишани муабети од речиси двочасовниот телефонски разговор со Гранде Пандев.    

Колку и да беше тешка и напорна 2020 година, Горан пред крајот ни ја направи – Гранде. Таков му е прекарот, што и да направи – во историја го претвора. 

Фудбалска Македонија во Тбилиси избори виза да биде дел од срцето на Европа, да биде учесник на Европското фудбалско првенство, а магичната акција на италијанското трио – Елмас – Нестор – Пандев, Гранде ја фрли во екстаза цела Македонија. Грузија падна, а како што замисли Игор Ангеловски – така и бидна. Европско му е мајката, да се „преврти“ Македонија. И покрај короната, се славеше…до зори. И уште три дена во хотел…со оркестарот на Џамбо Агушев. И со тапаните на Стефан Ристовски!

„Заслуживме, после целиот тој напор, стегнати во хотел, во исчекување, подготовки…20 години играм професионално фудбал, толку не сум стравувал како ќе заврши ниту еден меч. Знаевме дека сме подобри, ама фудбал е, треба да се даде гол, да се победи. На крајот, излезе најдобро што може, и мораше добро и да се прослави“, вели Гранде. Затоа е идол и на младо и на старо, тој и го кога е со Џамбо Агушев, знае добро да одигра. Се разбира, и Стефан на тапани не е за потценување.

Хемија е тоа…И јас повеќе од 20 години пишувам, следам репрезентација – ваква атмосфера немало ниту од далеку. И со нас новинарите, и со челниците на ФФМ, и со секој обичен навивач кој доаѓа да ги прегрне, да им даде поддршка, да побара потпис. Или да запалат заедно факел на среде булевар пред „ТЦЦ Плаза“. И тоа е она што го носи напред и Пандев. И вели….немојте да сте пипнале нешто, тоа да го пореметите. И тука капитенот е дециден и вели…    

„Никој од нас нема дилеми, тоа сакам веднаш на почетокот да го кажам, Игор Ангеловски треба да ја води Македонија на Европското првенство. Изминатите пет години во националниот тим се создаде една неверојатна хемија, семејна сплотеност и тоа беше можеби и клучно за остварувањето на големиот успех. Би било сега во најмала рака чудно, ако сакате и многу глупаво, таа хемија да се наруши во пресрет на Европското првенство. Игор Ангеловски е најзаслужниот за моето враќање во националниот тим. Дојде искрено во Џенова и ми рече дека додека е тој селектор ќе играат само најдобрите – и затоа се вратив. И да, играат најдобрите, и тоа придонесе да оствариме неверојатен успех, да го исполниме сонот, Македонија да биде дел од Европското првенство“, вели херојот на 2020 година во изборот на МАКФУДБАЛ, Горан Пандев.

Во минатото ќе се најдеше некој да му замери дека не бил лидер во националниот тим. Сега е икона, бато Горан за Елиф, мистер Пандев за Џани, поштовани Горан за Адеми…и за сите останати е ѕвезда водилка. И им го покажа патот на помладите. Ги поведе напред. За МАКФУДБАЛ открива и дел од говорот во соблекувалната пред мечот.

„Да, имаше мој говор. Знаете и вие, не сум јас многу по зборувањето (ха, ха, ха…). Но, овојпат почувстував дека треба да им кажам нешто на соиграчите. Очите ми се насолзија. Им реков, знаете, ова е можеби мојот последен меч. Знам дека ќе победиме, подобри сме, ама сакам да оставиме срце на терен, сите за еден – еден за сите, како и во изминатите пет години, откако Мрме ме врати во А-тимот“, раскажува Пандев, а потоа ми се обраќа лично мене…„Знаеш ти како беше, имаше и селектори што си правеа пари, не играа најдобрите, имаше нервози, па си реков, не сакам веќе вака“…и се врати на говорот во соблекувалната.
 
„Им реков, да излеземе и да одиграме најдобро што знаеме. За Македонија, за нас, за семејствата, за другарите, за пријателите, за Македонците. За да се радуваме сите. Да дадеме се од себе, па и ако не биде – ќе знаеме дека сме дале се од себе…И веднаш добив одговор – Ќе победиме! Нема ова да ти биде последниот меч. Ќе играш на Европско. Тоа е таа хемија, сплотеност, тоа со ништо не се купува и не се менува“, потенцира Горан Пандев. 

И вели дека од оваа Македонија сега се плашат останатите. Сега не им е лесно на ривалите кога од спротивната ќе им се појават Пандев и другарите.         

Капитенот е сигурен дека Македонија ќе направи пријатно изненадување и на Европското првенство, во групата со Австрија, Украина и со Холандија. 

„Македонија ќе биде пријатно изненадување и на Европското првенство. Мислам дека сега и на ривалите не им е сеедно што ја имаат Македонија за противник. На хартија секако сме аутсајдери, но на теренот ќе се бориме како лавови за да ја поминеме групата, да постигнеме историски гол на ЕП, да оствариме историска победа на ЕП. Го остваривме сонот за пласман на Европско првенство, но сите амбициозни луѓе имаат нови и нови соништа, така е и со оваа генерација, за која и претходно тврдев дека е најдобрата во историјата на фудбалската репрезентација на Македонија“, потенцира „Ил Гранде Мачедоне“.

Пандев е фантастичен фудбалер, одлично умее и со Агушеви, ете во новогодишно интервју да каже каков е и дома, со семејството, со децата, нешто за празниците, Божик, Нова Година…

„Мирен сум… Во служба на семејството. Сакам да им угодувам на децата. Се случува и да не ги видам по цела недела, карантини, патувања…Секој момент потоа сакам да им угодам, да одиме некаде да прошетаме, заедно да одиграме нешто макар и по дома, да бидеме заедно. Оваа короната „не отепа“, еве и сега за католичкиот Божик ни ја затворија Џенова, не можеме да мрднеме. Дојдоа пријатели, се дружиме малку. Ние си ги славиме нашите празници. Исто како да сме во Струмица (се смее, и не заборава…) Би сакал на сите Македонци да им ги честитам новогодишните и божиќните празници. Здравје нека има, тоа секогаш е најважно, среќа, љубов, разбирање. И на Европско да не биде. Нека биде многу поубава 2021 година, оваа ептен не измачи. Леле, кога ќе ми текне само дека десет теста правев за Ковид-19, за да потврдам дека сум негативен и да можам да дојдам за Скопје, за мечот против Косово. Им реков, одам јас, ќе земам приватен авион ако треба, морам да играм против Косово“.

Со Гранде кога зборуваш, летаат два часа по телефон како да се две минути. А и не е баш новинарски да ги испукаш сите адути во интервјуто. Ова е да му кажеме „благодариме“ на Горан Пандев за Европското. За радоста, дека ќе можеме да собираме сликички и албум од „Панини“ со нашите. Ќе му барам автограм и на албумот…да се искористи некоја привилегија.    

П.С. Искрено, заборавив да го прашам за скриената камера и измислениот трансфер во Индија. Ветувам….другиот пат.      

НИТУ ПРЕТСЕДАТЕЛ, НИТУ СПОРТСКИ ДИРЕКТОР, НИТУ ТРЕНЕР…

Горан Пандев претседател на ФФМ? Во еден период имаше такви најави, а сега, како што вели самиот, воопшто не размислува, ниту се гледа на таа позиција. Ќе остане да живее со семејството во Џенова. 

„Не, не…Не се гледам на таква позиција. Тоа беше само мала шега, можеби еден импулс на размислување, сега воопшто не размислувам на таа тема, немам такви амбиции. Искрено, сигурно нема да бидам ниту тренер, мислам дека ни спортски директор (се смее).

Насмевката е заразна, од Џенова виа Whatsapp, до Скопје. Сепак, прашувам…Епа, газда на Академија Пандев и гледач…Може и новинар, колумнист во Макфудбал?!

„Една година сигурно ќе одморам. Мислам дека треба да му се посветам на семејството, па малку заедно и да прошетаме. Се немаме видено убаво од фудбалските обврски. Еве ги гледам Филипо и Ана, ми пораснаа, некако многу брзо“, вели Пандев и се смее повторно.         

        

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови