Connect with us

(ИН)ДИРЕКТ: Премии, нов договор и без инаетење!

Ако Македонија во Дуисбург ја имаше магистратурата пред Европско, да покаже што може против репрезентација од најсилен светски ранг, јасно е дека Игор Ангеловски стана доктор по фудбал, а фудбалерите предводени од капитенот Горан Пандев ставија до знаење дека имаат капацитет за најголеми дострели. После триумфот над Германците и вратата од мундијалот во Катар е убаво подотворена.


Што би направил добар претседател на федерацијата во моментов и како би требало да реагираат фудбалерите и стручниот штаб…

Репрезентативците апсолутно заслужија премија за фантастичната претстава против Германија и најголемиот триумф во историјата. За тоа, треба да ја добијат и најголемата премија во историјата, се разбира, во доменот на можностите на федерацијата. И уште поважно, фудбалерите да ја прифатат премијата без поговор и да биде распределена соодветно, со „амин“ од сите, троен потпис, на капитенот Горан Пандев, селекторот Игор Ангеловски и претседателот Муамед Сејдини. И без инаетење, ако може…И без македонската самобендисаност!

Да биде инициран разговор со селекторот Игор Ангеловски за продолжување на „изнудениот“ шестмесечен договор до завршување на Европското првенство. Нов најмалку двегодишен договор за селекторот кој на Македонија и ги донесе најголемите резултати во постоењето. Се друго би било сулудо, со лажни мисли и со задни намери. „Закрвеноста“ доведе до носење на модификувани решенија, а оттаму тргнаа и заладените односи меѓу репрезентацијата и федерацијата.

Во основа, сите треба да покажат почит, меѓутоа искрена, без задни намери и размислувања, сопки и удари под појас. Не треба да се сакате, но едноставно мора да се почитувате. Така ја личи Македонија, и верувајте, тоа не е потешко од подвигот да се победи фудбалска велесила каква што е Германија.

И за крај, Горан Пандев. Тој е најголемиот фудбалер во македонската историја, „Гранде Мачедоне“, виртуоз на теренот, вистински лидер на националниот тим, капитен, предводник. Таков е со фудбалерите, соиграчите од националниот тим, таков треба да биде и со сите останати.

Горан ќе ја донесе одлуката, но да се обидеме сите да влијаеме, да го убедиме, да ги одигра барем до крајот квалификациите за Светското првенство во Катар. Затоа што можеби блескавата негова кариера ќе добие уште една награда, учество и на Светско првенство со Македонија. Тоа значи уште една напорна фудбалска сезона, уште многу мака, патувања, ако сакате и нервози со фудбалската репрезентација и фудбалската федерација на Македонија.

Тој самиот треба да размисли и да каже, дали сето тоа вреди…И дали би можел да го направи. Македонија секако му е благодарна за се што направи на фудбалски план. Еден апел, и тој да делува капитенски за целата атмосфера конечно да заличи како за репрезентација и федерација која ќе биде учесник на Европско! А, можеби и на Светско, зошто да не?!

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови