Connect with us

ЛШ: Милан сака да се потсети на славните европски денови во пресметката со Тотенхем

Милан и Тотенхем вечерва на „Сан Сиро“ ќе го одиграат првиот меч од осминафиналето во Лигата на шампионите. „Росонерите“ се седумкратен европски клупски шампион, но во последните години се далеку од најславните денови. Титулата освоена во Серија А минатата сезона им ги врати насмевки на навивачите кои сега сонуваат за нешто повеќе и на меѓународна сцена.


Избраниците на Стефано Пиоли имаа серија лоши резултати од почетокот на календарската година, но викендов со минимален успех против Торино (1-0) го запреа слободниот пад. Претходно, тимот испадна од Купот на Италија, а го загуби и Суперкупот на Италија од градскиот ривал Интер.
Милан нема играно во елиминациите од Лигата на шампионите од 2014 година, кога во осминафиналето загуби од Атлетико Мадрид со вкупен резултат 1-5. „Росонерите“ беа елиминирани во оваа фаза во пет од нивните последни шест настапи во ова натпреварување, вклучувајќи го и дуелот со Тотенхем во сезоната 2011/12.

Италијанскиот гигант повторно ќе биде без дел од своите главни играчи кои се повредени. На голот ќе застане Романецот Ципријан Татарушану, а надежите се дека првиот голман Мајк Мањан ќе биде подготвен за реваншот.

Фикајо Томори се опорави од повредата и ќе го формира одбранбеното трио, заедно со Пјер Калулу и Симон Кјаер. Пиоли ќе ги користи Давиде Калабрија и Тео Хернандез на двете странични позиции, Сандро Тонали и Раде Круниќ ќе играат во средината, а Рафаел Леао и Брахим Дијаз ќе му помагаат на централниот напаѓач Оливие Жиру.

Тотенхем пристигна во Милано по тежок пораз (1-4) против Лестер во Премиер – лигата. Тимот на Антонио Конте сега има амбиции да направи уште еден незаборавен настап во Лигата на шампионите, каде што стигна до финалето во 2019 година под водство на Маурисио Покетино.

Конте има многу добар биланс против Милан. Поранешниот тренер на Јувентус и на Интер има осум победи од последните девет натпревари против „миланезите“. Сепак, и тој се соочува со проблеми со повреди во тимот.

Оваа вечер Тотенхем ќе биде без услугите на голманот Хуго Лорис, Родриго Бентанкур и на Пјер-Емил Хојбјерг. Во одбраната ќе биде подготвен Кристијан Ромеро, а напаѓачкото трио ќе го сочинуваат Хари Кејн, Дејан Кулушевски и Хјонг-Мин Сон.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови