Connect with us

Заслужен бод во Бер Шева, Адеми израмни, Елмас пропушти победа

Фудбалската репрезентација на Македонија ремизираше (1-1) против Израел во Бер Шева во петтиот меч од квалификациите за ЕП 2020. Тоа е петти бод за Македонија во групата и враќање на атмосферата по двата порази против Полска и против Австрија во Скопје. 

Еран Захави во 56.минута стрелаше за водство на Израел, а израмни Аријан Адеми израмни во 65.минута со одличен шут со глава по нафрлувањето на Алиоски. 

Капитенот Горан Пандев на стартот од мечот остана на клупата поради повредата на слабините, а селекторот Игор Ангеловски се реши за згуснат среден ред и Елиф Елмас како полушпиц покрај единствениот напаѓач Несторовски.   

Израел прв се закани со ударот од далечина на Бибрас Начо. Димитриевски беше внимателен. Дваесет минути подоцна Израел постигна гол преку Мунас Дабур, но не беше признат поради игра со рака. Во следната минута, Енис Барди упати „бомба“ кон голот на Израелците, но голманот Офир Сипријано одлично интервенираше и ја исфрли топката во корнер. 

Во 30.минута, Алиоски имаше одлична шанса. Тргна во противнапад заедно со Елиф Елмас, се реши да шутира од 20 метри, но за малку не беше прецизен. Десет минути подоцна, Барди убаво го проигра Несторовски, но тој шутираше очајно. 

Мунас Дабур во 51.минута го погоди дирекот. Шутираше откосо од десната страна и за среќа топката се одби во гол-аут. Тој се закани, а Еран Захави пет минути подоцна погоди. Одлично реагираше на центаршутот од десната страна, подметна нога и ја затресе мрежата на Македонија. 

Но, нашиот национален тим не се предаде така лесно. Аријан Адеми возврати си погодок во 65.минута. Тој одлично шутираше со глава по нафрлувањето на Алиоски од слободен удар и го израмни резултатот. 

Захави се обиде со удар од далечина, но топката заврши во корнер во 73.минута. И до крајот тој беше најопасниот противнички фудбалер, но Елиф Елмас ја имаше шансата за триумф во судиското продолжение. Доби одлична топка од Пандев и одлучи двојно да проигра, наместо да шутира и да се обиде да постигне гол.

ИЗРАЕЛ – МАКЕДОНИЈА 1-1 (0-0)

Стадион „Тото Тарнер“ во Бер Шева. Гледачи: 15.000. Судија: Андреас Екберг (Шведска). Стрелци: Еран Захави 56′ (Израел), Адеми 65′ (Македонија). Ж. картони: Николов, Пандев (Македонија), Соломон (Израел)

ИЗРАЕЛ: Марсијано, Даса, Елхамед, Таха, Соломон, Бен Харуш (60′ Кајал), Начо, Перец, Дгани, Захави, Дабур (75′ Хемед). 

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Бејтулаи, Муслиу, Велковски, Ристевски, Алиоски, Адеми, Барди (83′ Спировски), Николов (75′ Трајковски), Елмас, Несторовски (68′ Пандев).  

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови