Connect with us

Лука Модриќ се премисли и сака да остане во Реал Мадрид и следната сезона

По одигрувањето на полуфиналниот дуел на Реал Мадрид во Лигата на шампионите против Баерн Минхен, Лука Модриќ (39) ќе побара средба со Флорентино Перез за да му каже дека сака да остане во Реал уште една сезона. Ова денеска го изнесе новинарот Едуардо Инда, а го потврдија и голем број медиуми специјализирани за следење на клубот од Мадрид, како Дефенса Централ и Менаџмент Мадрид.


Веќе е познато дека договорот на Модриќ со Реал истекува на крајот од оваа сезона, а во последните месеци многу се шпекулира дека ќе го напушти клубот и каде би можел да ја продолжи кариерата. Динамо отворено го повикува да се врати во Загреб, Саудијците и Американците го бараат, дури се дрзнаа да испратат понуда и од словенечкиот Целје, но Модриќ изгледа го интересира само Реал Мадрид.

Како што пишуваат шпанските медиуми, Модриќ се предомислил. Тој веќе нема проблем да игра споредна улога во тимот. Подготвен е да биде човек кој ќе влезе од клупата и ќе игра по потреба, а патем ќе биде ментор на помлади фудбалери. Токму затоа реши да седне на маса со претседателот на Реал и да најде формула за продолжување на договорот.

Капитенот на хрватската репрезентација минатата година имаше богати понуди од саудиски клубови, но потпиша нов едногодишен договор и остана во мадридскиот клуб. Тренерот Карло Анчелоти не го гледаше како првотимец во актуелната сезона, поради што се пишуваше за незадоволство и заминување на Модриќ.

Сезонава собра 39 настапи, два гола и шест асистенции, а приказните за заминување и останување постојано се менуваат. Во 2012 година Модриќ пристигна во Реал Мадрид од Тотенхем за 35 милиони евра. На почетокот трпеше критики и го нарекуваа лошо засилување, но со текот на времето стана мадридска легенда. Со Реал освои неверојатни 23 трофеи и во 2018 година ја доби „Златната топка“, наградата за најдобар играч во светот.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови