Connect with us

Илчо Ѓорѓиоски: Брегалница е одличен проект, а Кирил Гогов успеа да ме убеди за новиот предизвик

Македонскиот прволигаш Брегалница со нов тренер ќе ја стартува 2022 година. Во Штип, малку и изненадувачки пристигна поранешниот претседател на ФФМ, а претходно усоешен тренер на Вардар и на Македонија ЃП, Илчо Ѓорѓиоски.


Тој по склучување на договорот со Брегалница нагласува дека за него е ова нов предизвик.

„Брегалница е еден убав долгорочен проект кој носи сериозен фудбалски предизвик. Да бидам искрен бев навистина изненаден кога дојде понудата од челниците на Брегалница. Беше за мене сето тоа неочекувано, но кога размислив знаев дека оваа Брегалница носи еден нов момент во македонскиот фудбал кој може да биде предизвикувачки“ – вели Ѓорѓиоски.

Првиот човек на клубот, Кирил Гогов, успеал да го убеди да го преземе кормилото на Брегалница.

„Основно е тоа што ме привлече размислувањето на првиот човек Кирил Гогов и раководството на Брегалница дека апсолутно ништо во фудбалот не се случува преку ноќ. Брегалница е проект на долги патеки кој оди чекор по чекор. Работата со млади фудбалери, вистинската поставеност на клубот и интенцијата да се создаваат фудбалери кои во иднина ќе бидат дел и од репрезентативните категории и фудбалери кои ќе може да реализираат интернационални кариера се основните темели на тимот кои секако носат сериозен предизвик. Можеби и тренерскиот адреналин повторно си го направи своето, па желбата повторно да се биде директно вклучен во фудбалските случувања беше импулс повеќе да се прифати понудата“, истакнува Илчо Ѓорѓиоски за официјалниот клупски сајт.

За Ѓорѓиоски ангажманот во Брегалница не претставува ништо непознато затоа што и сите овие години е добро упатен во сите случувања на домашната фудбалска сцена.

„Апсолутно нема ништо непознато. И сите овие години доволно сум вклучен во активностите на македонската фудбалска сцена. Секако интенцијата е да се создаде вистински конкурентен тим за елитниот фудбал кој ќе постави некои нови нормативи. Брегалница веќе има поставен квалитетен тим, за што зборува и пласманот по есенскиот дел, но секако со некои нови засилувања во тимот желбата е да се биде доволно конкурентен за остварување на сите краткорочни и долгорочни амбиции“, вели новиот тренер на Брегалница.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови