Connect with us

Фаџоли сведочеше: Должам 3 милиони евра, не можам да спијам, а каматарите ми рекоа дека ќе ми ги скршат нозете

Играчот од средниот ред на Јувентус, Николо Фаџоли (22), кој прв беше откриен дека учествувал во голем скандал со обложување во италијанскиот фудбал, најверојатно ќе биде суспендиран на минимум седум месеци. Некои италијански медиуми пишуваат дека Фаџоли би можел да биде суспендиран на една година. Откако сè стана јавно, тој ја раскажа својата приказна на суд.


Тој призна дека неговите долгови пораснале на околу три милиони евра. Фаџоли во Јувентус заработува околу 1,8 милиони евра годишно.

„Најлошиот период го имав меѓу март и април 2023 година, кога бев толку под стрес и исплашен што на натпреварот помеѓу Сасуоло и Јувентус направив грешка, по што бев заменет. Штом излегов од теренот почнав да плачам пред камерите, размислувајќи за моите проблеми поврзани со коцкарските долгови. Прецизирам дека престанав да се обложувам и дека немам намера повторно да го правам тоа“.

„Сакам да истакнам дека мојата намера е да ги отплатам сите кредити што ги подигнав од моите пријатели кои не ги знаеја вистинските причини зошто ги позајмив парите. Почнав да барам пари од некои пријатели, 40 илјади евра, велејќи дека ми требаат за да купам часовник и дека мајка ми ми ги блокирала сметките“.

„Федерико Гати (соиграч од Јувентус) ми позајми пари кои сѐ уште не сум ги вратил и тој сè уште ги бара назад. Раду Драгушин (играч на Џенова) и некои пријатели од Пјаченца ми позајмија повеќе пари. Никогаш не сум разговарал за моето обложување со раководството на Јувентус, играчите или тренерите бидејќи не верував никому. Исто така, не се обложував на Јувентус или Кремонезе“.

„Веќе имам наталожено огромен долг од 250.000 евра во септември 2022 година и почна притисокот на сопствениците на нелегалните страници кои ме тераа да ги враќам парите. Од време на време барем да враќам дел од тие пари. Купив вредни часовници во продавница за накит, плаќав преку банкарски трансфер, и неколку пати им доставував часовници.

„Не спиев ноќе. Колку повеќе минуваше времето, толку повеќе ме прогонуваше долгот. Парите што требаше да ги вратам постојано се зголемуваа. Каматарите ми рекоа дека ќе ми ги скршат нозете. Се обложувам на фудбалски натпревари и тенис. Почнав во летото 2021 година. Не се прашував дали тие страници се легални или не. Беше забавно. Од јануари 2022 година, бев под стрес за наталожените долгови.“

„Прво се обложуваш затоа што имаш многу слободно време. Тренираш наутро, а потоа се обложуваш да ја убиеш досадата. Сандро Тонали ми предложи да играм на нелегален сајт. Го видов како игра и го прашав што прави. Ми рече дека можам и јас бидејќи нема знаци на обложување. И ме натера да се регистрирам на таа страница. Прво игравме тенис, а потоа фудбал“, сведочеше Фаџоли.

Фаџоли неодамна призна дека се обложил на фудбалски натпревари. На спортистите во Италија им е забрането да се обложуваат на натпревари организирани од Италијанската фудбалска асоцијација, УЕФА и ФИФА и им е забрането да ставаат облози директно или индиректно. Сандро Тонали (23) и Николо Заниоло (24), италијански репрезентативци и играчи на англиските клубови Њукасл и Астон Вила, се во центарот на аферата заедно со Фаџоли.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови