Connect with us

Тотенхем или Манчестер Јунајтед, само еден од нив ќе крене трофеј и ќе влезе во Лигата на шампионите

Тотенхем и Манчестер Јунајтед вечерва ќе се сретнат на „Сан Мамеш“ во Билбао од 21 часот во голема битка за трофејот во Лига Европа.


Двата тима имаат разочарувачки сезони во Премиер лигата, едно коло пред крајот се едвај над зоната за испаѓање, без да стигнат до границата од 40 освоени бодови.


Евентуална победа вечерва не само што би ја спасила сезоната за победникот, туку и би му обезбедила место во Лигата на шампиони следната сезона. Поради тоа, англиските медиуми ја проценуваат финансиската вредност на овој триумф на 100 милиони фунти.

Ова е шести целосно англиски финале во европските купови на УЕФА.

Менаџерите на двата тима, Анге Постекоглу и Рубен Аморим, се надеваат на првиот трофеј со Тотенхем и Манчестер Јунајтед. За Тотенхем тоа би значело крај на 17-годишната суша без значаен трофеј. Лондонскиот клуб досега двапати го има освоено Купот на УЕФА (1972, 1980), па има шанса да стане вториот англиски клуб по Ливерпул со три трофеи од ова натпреварување.

Манчестер Јунајтед се надева да го повтори триумфот од 2017 година, кога во финалето го победија Ајакс. Дел од тој тим на Ајакс беа и сегашните играчи на Јунајтед, Андре Онана и Матијс де Лихт.
Тимот на Рубен Аморим досега нема пораз во натпреварувањето и може да стане само четвртиот клуб кој ја освојува Лига Европа без ниту еден пораз.

„Црвените ѓаволи“ се најофанзивниот тим со 35 постигнати голови. Аморим има шанса да стане само третиот менаџер на Јунајтед кој освојува трофеј уште во првата сезона, по Жозе Мурињо (2018) и Ерик тен Хаг (2023).

Тотенхем нема пораз на последните шест средби со Манчестер Јунајтед во сите натпреварувања, а оваа сезона веќе трипати ги има победено. Двата тима се сретнале само еднаш во европските купови – во сезоната 1963/64 во Купот на победници на купови, кога Јунајтед победи со вкупен резултат 4-3 и се пласираше во четвртфиналето.

Тројца важни играчи, Џошуа Зиркзе, Лени Јоро и Диого Далот, се вратија на тренинзите на Манчестер Јунајтед и патуваа со тимот во Билбао. Повредени остануваат Лисандро Мартинез и Матијс де Лихт.

Анге Постекоглу потврди дека Дејан Кулушевски е надвор од теренот не само за финалето, туку и за следните неколку месеци. Повредени се и Џејмс Медисон, Лукас Бергвал, Раду Драгушин и Тимо Вернер.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови