Connect with us

Анчелоти ќе биде селектор на Бразил, а Чаби Алонсо ќе седне на клупата на Реал

Карло Анчелоти на крајот од оваа сезона ќе го напушти Реал Мадрид по четири години соработка и ќе стане селектор на репрезентацијата на Бразил.

Реал Мадрид оваа сезона најверојатно ќе остане без трофеј. По елиминацијата во Лигата на шампионите, „кралевите“ беа поразени од Барселона во финалето на Купот на Кралот, а Каталонците се многу поблиску до титулата шампион на Шпанија.

Лошата сезона значи заминување на Карло Анчелоти од клупата на мадридскиот клуб. Иако има уште една година од договорот, легендарниот Италијанец ќе замине на крајот на сезоната, а веќе е познато и каде ќе ја продолжи тренерската кариера.

„Релево“ донесе ексклузивна вест дека 66-годишниот стратег ќе биде нов селектор на Бразил.

„Претставник на Фудбалската федерација на Бразил е во Севилја. Ќе разговара со Карло Анчелоти за да ги финализираат деталите околу преземањето на репрезентацијата. Договорот е постигнат“, објави „Релево“.

Со Анчелоти завршува една ера на Реал. Тоа беа врвни четири години во кои шпанскиот гигант прикажуваше одличен фудбал.

Во својот втор мандат на клупата на мадридскиот великан, Дон Карло освои две титули во Лигата на шампионите и Ла Лига, по два Суперкупа и ФИФА клупски светски првенства, како и еден трофеј од Купот на Кралот.

Анчелоти ќе биде претставен како нов селектор на Бразил веднаш по завршувањето на сезоната и ќе ја води селекцијата на Светското првенство следната година.

Претходно, славниот италијански тренер работеше во Реал од 2013 до 2015 година и има извонредна тренерска кариера зад себе.

Кариерата ја започна во Реџана, а потоа ги водеше Парма, Јувентус, Милан, Челси, ПСЖ, Баерн Минхен, Наполи и Евертон.

„Кралевите“ ќе тргнат во потрага по нов тренер, а главен кандидат за испразнетото место е Чаби Алонсо. Сепак, сè уште нема ништо официјално договорено.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови