
Тренерот на Барселона, Ханси Флик, зборуваше пред медиумите во пресрет на утрешниот домашен натпревар против Селта. Каталонците имаат предност од четири поени на врвот во Ла Лига пред големиот ривал Реал Мадрид, ги очекува и финале во Купот на кралот против „кралевите“ следната сабота, а во текот на неделата обезбедија и пласман во полуфиналето на Лигата на шампионите, иако загубија со 1-3 од Борусија Дортмунд.
Главна тема на прес-конференцијата беше згуснатиот распоред на натпревари, кој Флик остро го критикуваше.
„Селта има јасен стил и за нас е важно да ги прикажеме нашите силни страни. Утрово зборувавме за тоа – што треба да подобриме и што направивме погрешно во Дортмунд“, започна Флик, по што остро го критикуваше згуснатиот календар.
„Знаете ли колку натпревари одигравме во последните неколку недели? Нема да се жалиме, но ова се случува само тука. Никогаш не сум видел ваков распоред. Немаме време за одмор. Во сите други лиги ги штитат играчите. Би сакал да разговарам со тие што се одговорни за ова. Можеби не сме во најдобра форма. Не одигравме добро во Дортмунд, но горд сум на играчите. Кога ја почнавме подготовката, ако некој ни кажеше дека на 18 април ќе имаме шанса за тројна круна, сите ќе го прифатевме тоа. На крајот, изгубивме само еден натпревар. Треба да останеме позитивни, знаеме што правиме и тимот знае што треба да направи утре“, изјави Флик.
„Горд сум на моите играчи, тие даваат сè од себе. Интер? Тие имаат многу јасна идеја за сè и играат одличен фудбал. Им се восхитувам. Имаат одличен напаѓач, но и многу цврста одбрана. Ми се допаѓа Павар, тој беше мој играч и ќе ми биде мило да го видам повторно. Тие се фантастичен тим со одличен тренер“, додаде тренерот на Барселона.
Германецот повторно посебно ги пофали Ламин Јамал и Жил Кунде.
„Сите знаат дека Ламин, на само 17 години, е гениј. Има голем притисок врз себе, но ни е потребен на теренот – само ако е на највисоко ниво. Ако податоците и тој ни кажат дека е добро, ќе игра, како и сите други. Кунде не одмора? Проблемот е што кога ќе му кажам дека ќе добие 30 минути одмор, следниот ден игра 90. Тој има извонредна физичка подготвеност. Но, знам дека понекогаш е добро играчот да одмори.“
Потоа Флик уште еднаш се наврати на критиката за распоредот.
„Не сакам да создавам изговори или да се жалам. Задоволен сум што не играме во недела во 14 часот против Валјадолид – за мене тоа е добро. Но, зошто не можеме да играме во 18:00? (натпреварот е меѓу двата дуела со Интер во ЛШ). Би сакал да го видам човекот што ги прави распоредите, затоа што ова е шега. Ако имаме успех во Европа, Ла Лига ќе има корист од тоа. Останувам без зборови – ова е неодржливо. Секоја федерација се грижи за своите екипи. Тука никој не се грижи за одмор, ниту што играчите си легнуваат во 5 часот наутро – неверојатно е“, заврши Ханси Флик.

-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА КОЛОТО ВО ПРВАТА ЛИГА
Струга Трим Лум оствари важен триумф против Работнички на Националната арена „Тодор Проески“ и...
Автор makfudbal
-
(ИН)ДИРЕКТ: Јас би ја казнил Шкендија 59 меча да игра без публика!
Трагедијата во Кочани се случи, сигурно дека можеше да се превенира, но со оглед...
Автор Nikola Gjurovski