Connect with us

Аморим: Звукот на „Олд Трафорд“ при головите на Мејно и Мегваер нема никогаш да го заборавам

Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Рубен Аморим, конечно има причина за насмевка, откако неговиот тим се пласираше во полуфиналето на Лига Европа по незаборавен пресврт против Лион. „Црвените ѓаволи“ водеа со 2-0, но примија четири гола, од кои два во продолженијата. Сепак, три погодоци за само седум минути во самиот финиш донесоа спектакл на „Олд Трафорд“.

„Беше неверојатна вечер. Тимот беше уморен. При 2-4 изгледаше како сè да е готово. Но не и тука, не на „Олд Трафорд“, каде сè е можно“, изјави Аморим по натпреварот.

Португалецот беше одушевен од атмосферата на стадионот.

„Звуците кога Коби Мејно и Хари Магваер постигнаа голови – тоа беше најдобриот звук што сум го чул во животот. Многумина сакаат да ги задржат дресовите од вакви натпревари, но јас сакам да го задржам тој звук.“

Аморим призна дека тимот сè уште има многу за подобрување, но карактерот на играчите останува силен.

„Добро започнавме, но не бевме доволно доследни. Кога тимот е уморен, честопати тоа нè чини многу. Мораме подобро да реагираме при ситуациите кога примаме голови. Сепак, карактерот на овој тим е нешто што не се губи.“

Во полуфиналето Манчестер Јунајтед ќе се соочи со Атлетик Билбао, а Аморим верува дека неговите избраници можат да одат до крај.

„Постои верба – не само кај мене, туку и во секој што беше вечерва на стадионот. Потребна ни е и малку среќа кога станува збор за повредите. Јас веќе сум бил во едно европско финале, за жал го загубив со Бенфика против Севилја, но сега ќе сториме сè да стигнеме таму и да победиме“, заврши Аморим.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови