Connect with us

Од солзи до радост за само три минути: Млад навивач на Манчестер Јунајтед стана симбол на фудбалските возбудувања (ВИДЕО)

Манчестер Јунајтед синоќа, по неверојатно драматични продолженија, го елиминираше Лион и се пласираше во полуфиналето на Лига Европа, а фотографиите од еден млад навивач на „црвените ѓаволи“ го обиколија светот.

Јунајтед водеше со 2-0 благодарение на головите на Угарте во десеттата минута и на Далот во 46., но Лион успеа да избори продолженија со погодоците на Толисо во 71. и на Таљафико во 78. минута.

Черки во 105. и Лаказет од пенал во 108. минута му донесоа предност од 2-4 на Лион, и изгледаше како сите надежи на Јунајтед за единствениот трофеј оваа сезона да се изгубени. Токму во тој момент камерата забележа млад навивач на Манчестер Јунајтед во солзи.

Во 114. минута, Фернандеш намали на 4-3 од пенал, а во 118. камерата повторно се фокусираше на расплаканото момче на трибините на „Олд Трафорд“.


Во 120. минута Коби Мејну израмни на 4-4, а само минута подоцна Хари Мегваер го постигна победничкиот гол за 5-4 и пласман на Јунајтед во полуфиналето. Реализаторот на преносот веднаш се сети на момчето и повторно го побара со камерата.

Секако, со зборови не може да се опише среќата на младиот навивач кој сведочеше на неверојатниот пресврт на неговиот тим, уште еднаш потврдувајќи дека фудбалот е најважната споредна работа на светот.

Манчестер Јунајтед во полуфиналето на Лига Европа ќе игра против Атлетик Билбао, додека вториот полуфинален пар ќе го сочинуваат Тотенхем и Бодо/Глимт.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови