Connect with us

Жестока тепачка на меч од Детската лига, ФФМ забрани присуство на публика (ВИДЕО)

Фудбалската федерација на Македонија го осуди скандалот и изрази длабока разочараност од инцидентот што се случи на детскиот фудбалски натпревар од финалниот турнир на тренинг центарот “Петар Милошевски” меѓу екипите на Сарај и на Фит кид, од генерација фудбалери родени 2012 година.


Родители влетаа на теренот и жестоко се степаа, што и не е првпат, но прераснува во скандал што продолжува да егзистира на спортските терени каде се натпреваруваат најмладите, оние кои треба да научат пред сѐ за спортски однос кон противникот и кон спортот воопшто.

„Она што требаше да биде настан на кој се слави спортскиот дух, тимската работа и радоста на играта беше нарушено со неприфатливото однесување на дел од присутните родители.

Како организација посветена на промовирање на позитивна и фер-плеј средина за нашите најмлади фудбалери, најостро го осудуваме однесувањето на присутните родители кои го предизвикаа и учестуваа во инцидентот. Таквото однесување е спротивно на вредностите што ги поддржуваме и примерот што се стремиме да им го дадеме на нашите деца.


Од клучно значење е сите да се стремиме кон основната цел на детскиот спорт: поттикнување развој, забава и почит меѓу учесниците“, се вели во реакцијата на ФФМ.

Фудбалската федерација на Македонија како организатор на Детска лига сериозно размислуваше за драстична одлука и суспендирање на понатамошните натпревари, но таа одлука би значело само штета за сметка на радоста на децата и нивната желба за игра.

ФФМ сепак донесе одлука понатамошните натпревари да се одиграат без присуство на публика.

Исто така, тренерите на тимовите учесници во натпреварувањето се известени да го почитуваат кодексот за фер-игра и однесување. Секое спротивно однесување ќе подлежи на дисциплински сакнции.

„Ги повикуваме сите родители и гледачи во иднина да размислуваат за влијанието што нивните постапки го имаат врз децата и секогаш да се однесуваат на начин кој поддржува и поттикнува позитивен развој. Наш приоритет е да обезбедиме секое дете да ужива во играњето фудбал во безбедна и позитивна средина“, дополнуваат од ФФМ.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови