Connect with us

Секуловски: Брегалница сака Прва лига, но ќе игра како да нема предност пред конкурентите

Брегалница утре со пресметката од 14 часот против Победа на Градскиот стадион во Штип го стартува пролетниот пат кон реализацијата на своите цели и амбиции – влез во Првата македонска фудбалска лига.

Шефот на стручниот штаб Марјан Секуловски е задоволен од подготовките на тимот, потенцирајќи дека екипата е и максимално психолошки подготвени за тоа што ја очекува во продолжението од шампионатот.

„Кога се ќе се сумира може да кажам дека минавме навистина квалитетни подготовки, максимално работејќи согласно утврдената програма. Тимот е подготвен за тоа што го очекува оваа пролет, на патот кон остварувањето на своите цели. Засилени сме со двајца одлични фудбалери во средниот ред Муарем и Дујовски, што ја потврдува определбата на клубот за уште посериозен пристап кон реализацијата на зацртаното“ – вели Секуловски за официјалниот сајт на клубот.

Брегалница има седум бода предност на врвот од табелата по есенскиот дел. Но, сето тоа ниту најмалку не ги залажува „сините“.

„Не се залажуваме со предноста од седум бода по есенскиот дел. Напротив, пролетниот дел од сезоната ќе го играме како воопшто да немаме предност, максимално мотивирано и сериозно на секој натпревар затоа што многу добро знаеме кој е влогот. Тиквеш е исклучително сериозен конкурент за првото место, и токму поради тоа ние мора да бидеме уште подобри и од есенскиот дел. Среќен сум што гледам дека фудбалерите се свесни за тоа и подготвени да се носат и со целокупниот притисок кој ќе биде врз нив до крајот на сезоната“ – дополнува тренерот на „сините“.

Утре Брегалница ја очекува првиот пролетен натпревар против прилепска Победа во Штип…

„Како и на секој друг натпревар така и утре против Победа целта е една и единствена – победа и освојување три бода. Но, ниту еден противник апсолутно не е за потценување. Затоа максимално сериозно мора да се пристапи и на утрешниот дуел со Победа“ – вели Марјан Секуловски.

Брегалница на првиот меѓусебен дуел со Победа во есенскиот дел славеше во Прилеп со 1-2.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови