Connect with us

Сејдини: Ги постигнавме најдобрите резултати во историјата

Претсетаделот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини на денешното Редовно Генерално Собрание на федерацијата изрази задоволство од работата во изминатата година, потенцирајќи дека искрената и мотивирана работа се клучни за најголемите успеси, а тоа е правецот и за во иднина.
Првиот човек на македонскиот фудбал нагласи дека не може постојано да се живеена стара слава или од пласманот на Европското првенство, вели дека федерацијата мора секојдневно да напредува.

„Да не беа сурови некои животни судбини, после сите остварени резултати во 2021 година, ова Собрание можеше да биде одржано во празнична атмосфера.

Горд сум на постигнатите резултати на Фудбалската федерација на Македонија. Благодарност до сите, тоа е плод на нашата заедничка работа.


Без желба да ги повторувам и набројувам успешните моменти од минатата година, сепак би сакал да ја искористам оваа прилика да им честитам на фудбалерите и селекторот на македонската А репрезентација за пласманот во баражот за Светско првенство.Тоа е успех со кој може да се гордее секој фудбалер, тренер и административец во нашиот фудбал. Посакувам успех против Италија на 24. март. Бидете храбри и предизвикајте го Европскиот првак. За сѐ друго ја имате нашата поддршка.

Би сакал да им посакам успех и среќа на македонската репрезентација до 21 година и на селекторот Канатларовски во продолжение од квалификациите за Европското првенство. Имаме добра прилика да се бориме за висок пласман и се надевам дека ќе успееме да ја искористиме.

Се разбира, целите кои ги поставивме и во натпреварувањата во кои учествуваат помладите национални селекции ја имаат целата поддршка од федерацијата во намерата да ги остварат.

Знаете дека директно сум запознаен со состојбата во сите фудбалски центри во нашата држава. Како и десега, ќе продолжам да бидам оперативец на терен, бидејќи сметам дека тоа е од исклучителна важност за подобар фудбал. Но, свесен сум дека тоа не можам да го направам сам, туку само со помош и поддршка од соработниците, но и луѓето од фудбалската база која мора да биде темел на сѐ.

Тоа треба да биде заедничка цел за сите во големото фудбалско семејство. И за тие кој извршуваме најодговорни функции, но и за волонтерите и ентузијастите во клубовите.
Имаме план и програма и одиме чекор по чекор. Наша цел е да продолжиме да вложуваме во инфраструктурата, но и да ја поттикнеме локалната самоуправа да се вклучат во помагање на клубовите, да бидат партнери.

Генералната стратегијата „Обединети од фудбалот“ мора да биде клучен документ кој треба да одговори во кој правец се движиме и како да се поставиме пред предизвиците кој ни доаѓаат. Не можеме вечно да живееме на стара слава и на пласманот на Европското првенство. Од ден на ден мораме да се стремиме кон подигнување на квалитетот на работа на федерацијата на сите нивоа и во сите сегменти.

Работиме на многу проекти, на поконкурентна Прва лига, на единствена Втора лига, а во иднина и на пониските категории и женскиот фудбал.

Сакаме да помогнеме во делот на комерцијалните активности, како и во финансирањето на лигите, а се разбира дека помош им е потребна и на клубовите. Веќе реализиравме многу работи, пред сѐ во однос на инфраструктурата на стадионите, а се надевам дека оваа и 2023 година ќе направиме многу повеќе за македонскиот фудбал.

Фудбалската федерација на Македонија стои зад бројни натпреварувања за сениори, младинци, деца, за жени и футсал играчи. Низ стотина натпревари секој викенд се обидуваме да го одржиме фудбалот како најмасовен спорт во земјата. Ние секогаш ќе бидеме сервис на клубовите и целосна поддршка кога се во прашање фудбалските работи.

Нѐ радува тоа што имаме потенцијал за нови големи работи за нашиот фудбал. Верувам дека програмата за работа и финснсискиот план е квалитетно осмислен и ќе ја следи федерацијата во однос на целите и тоа што треба и што може да се направи.

Ќе ја искористам оваа прилика да се заблагодарам на претседателот на УЕФА, Александар Чеферин за одличната соработка. Помошта од УЕФА и ФИФА се многу значајни за нас и едноставно мораме да го искористиме времето кога малите федерации како нашата добиваат големо внимание и поддршка од највисоките светски фудбалски институции.

Од срце се заблагодарувам на сите Вас, членови на Собранието на Фудбалската федерација на Македонија и на членовите на Управниот одбор.

Се разбира, изразувам голема почит за работата на сите Општински фудбалски Сојузи, клубовите, тренерите, фудбалерите, судиите и фудбалските работници за допринесот во успесите на македонскиот фудбал.


На крајот повторно ќе кажам, оваа федерација потврди дека со искрена и мотивирана работа ги постигнавме најдобри резултати во историјата на македонскиот фудбал.

Тоа е нашиот правец и за иднината.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови