Connect with us

Русите се премислија, сакаат да останат во УЕФА и да бидат во квалификациите за СП 2026

Руската фудбалска федерација (РФС) денеска соопшти дека сака да формира работна група со Европската фудбалска унија (УЕФА) со цел да организира враќање на меѓународните натпреварувања, десет месеци по почетокот на руската воена интервенција во Украина.


„Извршниот одбор на Руската фудбалска федерација донесе одлука да и предложи на УЕФА да формира работна група“, изјави претседателот на РФС, Александар Дјуков.

Руските фудбалски клубови и сите репрезентативни категории беа суспендирани на 28 февруари, четири дена по почетокот на војната во Украина.

Дјуков додаде дека работната група ќе треба да најде решенија „за да се реши прашањето за враќање на руските клубови и репрезентации на официјалните меѓународни натпреварувања што е можно поскоро“.

„Ја проучуваме можноста за враќање во натпреварувањата на УЕФА“, посочи тој и рече дека во работната група покрај претставници на УЕФА, ќе бидат поканети и членови на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) и Меѓународниот олимписки комитет (ИОК).

„За нас е важно да учествуваме во квалификациите за Светското првенство во 2026 година“, рече тој.

Претходните денови се зборуваше за можно излегување на РФС од УЕФА и приклучување кон Азиската фудбалска конфедерација (АФЦ), а Дјуков не ја отфрли целосно таа можност, доколку пропаднат преговорите со УЕФА.

„Можеме да се пренасочиме во Азија, но потребна ни е одлука на ФИФА за учество на Светското првенство во 2026 година, ќе добиеме одговор побрзо преку оваа работна група“, додаде тој.
За претседателот на РФС, работната група е „знак дека мостовите не се скршени и дека можеме да се обидеме да најдеме решение за обновување на нашите односи“.

„Секако дека политиката има влијание врз фудбалот. Но колку, ќе видиме“, заклучи Дјуков.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови