Connect with us

МАКФУДБАЛ – ТИМ НА 5. КОЛО!

Вардар претставува вистински „комплекс“ за фудбалерите на Шкупи кои и покрај фаворитската улога доживеаја пораз во дербито од 5. коло. „Вардарци“ сосема заслужено дојдоа до победата од 1-0 која можеше да биде и поубедлива, со што најавија дека не може да бидат предвреме отпишани во битката за врвот и оваа сезона. Шкендија, по триумфот против Беласица, сега е осамен лидер, искористувајќи ги поразите на Силекс и Шкупи, а Работнички запиша одлична победа на гостувањето против Ренова.

МАКФУДБАЛ го издвои најдобриот тим на 5. коло од сезоната 2020/2021 во Првата македонска фудбалска лига:

1. УРОШ ЃУРИЌ (СТРУГА ТЛ)

Одличен на голот на стружани, а притоа учествуваше со извонреден дегажман и во акцијата за првиот погодок на Струга ТЛ со кој беше најавена победата против Силекс.

2. ЕГЗОН БЕЈТУЛАИ (ШКЕНДИЈА)

Беспрекорен во дефанзивата, но максимално активен и при офанзивните акции на Шкендија во триумфот на гостински терен против Беласица.

3. ДРАШКО ЃОРЃЕВИЌ (РАБОТНИЧКИ)

Сигурен во одбраната, одлично одговорајќи на континуираните напади на домашните кои силно ја посакуваа победата.

4. ЕСМИН ЛИЧИНА (МАКЕДОНИЈА ЃП)

„Лавовите“ се враќаат со реми од гостувањето против Пелистер во Битола. Одлична работа заврши одбраната во која максимално сигурен беше и Личина.

5. ФИЛИП МИЛЕНКОВСКИ (СТРУГА ТЛ)

Еден од резервистите кои успеаја да ја донесат толку посакуваната победа на Струга ТЛ против фаворитот Силекс. Постигна убав погодок со кој се заокружи триумфот.

6. ЈОВАН ПОПЗЛАТАНОВ (ВАРДАР)

Извонредна партија на Попзлатанов кој максимално сигурно одговори на средината од теренот каде се кршеше резултатот против Шкупи. Еден од најдобрите поединци на терен.

7. БОЈАН НАЈДЕНОВ (ВАРДАР)

Потврди дека ќе биде големо засилување за „црвено-црните“. Одлична контрола на средниот ред, расположен и за организација на офанзивата но и секогаш во функција на одбраната.

8. ПЕТАР ПЕТКОВСКИ (РАБОТНИЧКИ)

Творецот на победата на „романтичарите“ против Ренова. Го постигна единствениот гол на мечот, одлично снаоѓајќи се во акцијата за три бода.

9. НИКОЛА ПРЕЛЧЕЦ (БОРЕЦ)

Еден од најзаслужните за победата на Борец против Академија Пандев. Стрелец и на вториот погодок со кој се заокружи триумфот од 2-0.

10. БЕСАРТ ИБРАИМИ (ШКЕНДИЈА)

Максимално активен во нападот. Двоен стрелец во очекуваниот триумф од 0-3 на гостувањето против Беласица.

11. МАТЕЈ ЦВЕТАНОСКИ (ВАРДАР)

Носителот на трите бода за „вардарци“ од пресметката против Шкупи. Го постигна единствениот гол за победа, но и покрај тоа расположен за игра во текот на целиот натпревар.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови