Connect with us

МАКФУДБАЛ – ТИМ НА 17.КОЛО ВО ПРВАТА ЛИГА !

Шкендија го помина успешно и испитот во Струмица и обезбеди шест бода предност на врвот на табелата пред последното есенско коло. Ќе презими на врвот, а Македонија ЃП и Шкупи се надеваат дека сепак ќе можат да ја анулираат негативата напролет. „Лавовите“ се вратија од „мртви“ против Вардар, а Шкупи не најде формула да го пробие бедемот на Ренова.

Борец им се врати на победите, а и Струга Трим Лум оствари триумф. Конечно и Пелистер го почувствува вкусот на победата. 

МАКФУДБАЛ го издвои најдобриот тим за 17.коло во Првата фудбалска лига. 

1. ХАДИС ВЕЛИИ (РЕНОВА)
Беше несовладлив на голот на Ренова, имаше неколку одлични интервенции и ги фрустрираше напаѓачите на Шкупи.

2. НЕНАД МИШКОВСКИ (РЕНОВА)
Безброј пати интервенираше пред и во сопствениот шеснаесетник, одличен во воздух, во поставување блок, во маркирање на противничките напаѓачи. 

3. ЕГЗОН БЕЈТУЛАИ (ШКЕНДИЈА)
Со него во одбраната Шкендија е многу поцврста, но од позадина тргнува и смислена акција кон протвиничкиот гол.

4. БЕСАРТ КРИВАЊЕВА (ШКУПИ)
Одличен во одбраната, неретко опасен и по прекини на игра кон голот на противникот.  

5. БОБИ БОЖИНОВСКИ (МАКЕДОНИЈА ЃП)
Ветеранот игра како момче, секое коло редовно стрела, искористи невнимание во одбраната на Вардар и ја врати Македонија ЃП до реми во градското дерби.

6. МАРЈАН РИСТОВСКИ (БОРЕЦ)
Тој е еден од главните адути во составот на Борец, офанзивен, максимално борбен, но и хируршки прецизен во завршница.  

7. МАТЕЈ ЦВЕТАНОСКИ (ВАРДАР)
Игра во одлична форма, од коло во коло е се подобар и покажува дел од дриблинг-репертоарот. Успеа да ја затресе и мрежата на Македонија ЃП. 

8. МАРТИН МИРЧЕВСКИ (ВАРДАР)
Одличен дриблер, му дава дополнителна енергија на младиот и полетен тим на Вардар. Постигна гол против „лавовите“ крунисувајќи го доброто издание. 

9. АБДУЛХАДИ ЈАХЈА (СТРУГА ТРИМ ЛУМ)
Се најде на вистинско место во завршницата од мечот, реагираше правовремено и ја затресе мрежата на Работнички носејќи триумф за Струга Трим Лум.   

10. КАЛИД АБДУЛ БАСИТ (МАКЕДОНИЈА ЃП) 
Корпулентниот напаѓач умее да ја искористи секоја можност што ќе му се пружи пред голот на противникот. Со неговиот гол Македонија ЃП ги врати надежите да остане непоразена против Вардар.

11. ДАШМИР ЕЛЕЗИ (ШКЕНДИЈА)
Момчето е роден голгетер. Со 16 години игра толку искусно и умее да ја намириса шансата за гол. Постигна погодок за три бода против Академија Пандев.

ТРЕНЕР НА КОЛОТО: СРЃАН ЗАХАРИЕВСКИ (СТРУГА ТРИМ ЛУМ)
Го водеше тимот на Струга Трим Лум до победа против Работнички. Ги направи потребните замени, уфрли свежина на страничните позиции и оттаму дојде победничкиот гол. Нафрлување од левата страна и гол за триумф што го постигна Абдулхади Јахја. Захариевски е тренер-винер на колото. 

      

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови