Connect with us

ЛШ: Шкендија сака триумф и празна мрежа против Мура

Македонскиот првак Шкендија вечерва (20 часот) го почнува новото европско лето. Се надева дека ќе биде долго и дека ќе стигне далеку, а сонот секако е пласман во групната фаза од Лигата на шампионите. Иако тоа досега било недостижно за македонските клубови, секој нов почеток носи и нова надеж.

Првата пречка на патот на тетовскиот тим е словенечкиот шампион Мура. Овој тим изненадувачки ја освои титулата кај „дежелата“ во конкуренција на Марибор и на Олимпија и сигурно се работи за квалитетен тим. Но, и покрај тоа, фудбалерите на Шкендија веруваат во своите квалитети и очекуваат триумф.

„Подготвени сме добро за новиот предизвик. Овој тим на Шкендија има европско искуство, секоја сезона покажува дека може да се надигрува на меѓународна сцена, а желбата секако е да го оствариме сонот и да обезбедиме групна фаза во Лигата на шампионите. Но, мора да тргнеме чекор по чекор. Мура е квалитетен тим, ги анализиравме добро и верувам дека можеме да ги победиме. Би било идеално доколку триумфираме, а нашата мрежа остане мирна, со оглед дека следи и реванш во Словенија“, вели капитенот Егзон Бејтулаи.

Мечот меѓу Шкендија и Мура е закажан за вечерва (20 часот) на арената „Тодор Проески“ во Скопје. Шкендија ќе има поддршка од околу 12.000 гледачи колку што дозволува протоколот на УЕФА со оглед на ковид – мерките. Билетите се продаваат по цена од 300 денари (Југ и Север) и 200 денари (Исток и Запад).

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови