Connect with us

ЛШ: Милан има минимална предност, но и тешка задача да го преживее Неапол

Наполи и Милан ќе се соочат вечерва на „Диего Армандо Марадона“ во реваншот од четвртфиналето на Лигата на шампионите. „Росонерите“ имаат минимално водство од 1-0 по победата на домашен терен пред една недела.


За Наполи вечерва само победа е опција, а два гола позитива го носат во првото полуфинале во Лигата на шампионите во клупската историја. „Партенопеите“ се претставија квалитетно и на првиот меч меѓу двата тима минатата недела на „Сан Сиро“, но не успеаја да ги искористат шансите и дозволија да бидат поразени.

И покрај тоа што овој месец претрпеа два порази од ривалот, од кои првиот беше 0-4 во Неапол, сепак, тие ја добија есенската пресметка во Милано со 1-2. Вечерва ќе ја бараат првата домашна победа над Милан од август 2018 година.

Наполи вечерва ќе може да смета на својот голгетер Виктор Осимен, кој поради повреда го пропушти гостувањето на „Сан Сиро“, но сега е подготвен да му помогне на својот тим да ја надополни пасивноста. Навивачите на „наполитанците“ имаат големи очекувања од Квича Кварацкелија, кој исто така е способен да ја направи разликата.

Тимот на Лучијано Спалети ќе мора да се справи со отсуството на двајца клучни играчи – дефанзивецот Ким Мин-Јае и играчот од средниот ред Андре-Франк Замбо Ангиса, кои се суспендирани за вечерашниот натпревар. Во одбраната најверојатно ќе се појави Хуан Жесус, а во средниот ред конкурира Елиф Елмас, заедно со Тангуј Ндомбеле.

На Осимен и Кварацкелија во нападот ќе им помага Матео Политано, со оглед дека Ирвинг Лозано не импресионираше на првиот меч.

Милан има мала предност, но јасно е дека ги очекува многу тешко гостување. Тимот во иста ситуација беше и во осминафиналето кога гостуваше во Лондон против Тотенхем. На крајот „росонерите“ одржаа реми без голови, што им овозможи да продолжат понатаму.

Сега се надеваат на сличен развој на настаните, за да можат да се пласираат во 14. полуфинале во ова натпреварување. Историјата е на страната на гигантот од Милано, кој во шест меча против италијанскиот противник во Лигата на шампионите нема ниту еден пораз, а забележаа три победи и три нерешени средби.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови