Connect with us

КОЛУМНА – Филип Лам: Маката на Ериксен за миг ја обедини цела Европа!

„Views of a footballer“ е колумна на Филип Лам, во соработка со новинарот Оливер Фрич, на германскиот интернет магазин „Zeit Online“, која ексклузивно во Македонија ја објавува www.makfudbal.mk. Истовремено колумната се објавува и во неколку реномирани медиуми во Европа (The Guardian, La Repubblica, Politiken, Delo, Sports Daily, Sport Voetbalmagazine, Gazeta Wyborcza, Tribuna, Dennik).

Поранешниот капитен на светскиот првак Германија и директор на турнирот ЕВРО 2024 ќе ги анализира фудбалските теми и ќе разговара за нивната стратешка важност за општеството, економијата и политиката.

Европското првенство секогаш го одразува начинот на кој ние во Европа ги обликуваме нашите заеднички животи. Четири работи досега ме импресионираа на овој турнир. 12 јуни беше ден кога целиот континент сочувствуваше со посебна блискост со дански фудбалер.

Кристијан Ериксен мораше да биде реанимиран на теренот. Неговите соиграчи, кои веднаш формираа круг околу него, интуитивно знаеја како да застанат покрај него во оваа стресна ситуација. Фасцинантно беше колку вреди за нив неговата приватност. Тие ја заштитија неговата приватност и достоинството во тешките мигови. Тоа беше енормно потресен настан.


Колективната симпатија на сите на стадионот во Копенхаген, Данците и Финците, беше длабока – вклучувајќи ги и оние кои од далеку стравуваа за Кристијан Ериксен. Следниот натпревар беше прекинат во негова чест во десеттата минута, и сите му аплаудираа, вклучително и противниците и судиите. По последниот свиреж се прегрнаа селекторот на Данска, Каспер Хјулманд и Белгиецот Ромелу Лукаку, кој на претходниот натпревар му го посвети својот гол на својот соиграч од Интер, Ериксен. Не мораше да се слушне за што зборуваат, но може јасно да се забележи што сакаат да направат.

Кога Кристијан Ериксен, за среќа, беше спасен, се појавија многу прашања: Што е дозволено да се прикажува на телевизија, а што не? Што е известување, од каде започнува воајеризмот? Овие дискусии го открија квалитетот на нашата слободоумна заедница. Во Европа, различни ситуации имаат исто објаснување. Ова ги вклучува и подоцнежните критики на Данците за продолжување на натпреварот.


Се разви меѓународна дебата и околу политички гест. Селекциите на Англија, Велс и на Белгија клечеа пред своите натпревари, еднаш тоа го направи и Шкотска. Со оваа симболика на движењето „Црниот живот е важен“, со која првично протестираше против расизмот, НФЛ-професионалецот Колин Каперник, тие нè потсетуваат дека сите имаме еднакви права и дека овие права се кршат повторно и повторно. Малцинствата се дискриминирани во целиот свет.

Многу луѓе црпат сила од фактот дека отфрлуваат група или и припишуваат негативни карактеристики. Тоа е погрешно и исто така е непотребно. Не ми треба непријателска слика за мојот идентитет. Јас не станувам посилен преку отфрлување на другите, туку преку соработка. На долг рок, успехот во фудбалскиот тим може да се постигне само доколку луѓето ги прифатат и ценат меѓусебните разлики. Секако, тоа важи и за противникот. И во фудбалот, фаул е фаул, без разлика кој ќе го направи тоа.

Англискиот тим се соочи со расизам на голем број натпревари на гости во последните неколку години. Во Бугарија имаше мајмунски извици против Рахим Стерлинг. Сега тимот црпи сила од клекнувањето. Герет Саутгејт го објасни значењето во отворено писмо до нацијата. „Нивна должност е“, напиша селекторот на Англија за своите играчи, „да продолжат да комуницираат со јавноста за работи како што се еднаквост, инклузивност и расна неправда“.

Гестот беше критикуван и клеветен на некои места. Конзервативните англиски политичари го отфрлија, Белгијците на колена беа исвиркани на стадионите во Будимпешта и Санкт Петербург, а фудбалските власти го нарекоа „популизам“. Но, симболот е одлично вклучен во тимските спортови. Тоа е силен сигнал во справувањето со другите идентитети што секој ги разбира. Важна декларација е дека бојата на кожата не е важна. Тоа е исто така внатрешно уверување за секоја индивидуа за тоа со кого е подготвен да оствари релација. Гестот затоа не може да биде популистички.


Големо внимание во Европа, особено во Германија, предизвика уште еден симбол на различноста. Градоначалникот на градот Минхен сакаше да ја осветли арената во боите на виножитото на денот на натпреварот меѓу Германија и Унгарија за да испрати сигнал против хомофобијата и унгарското законодавство. УЕФА го отфрли ова затоа што пораката директно беше насочена кон одлука на парламентот и затоа беше повредено барањето за асоцијација за политичка неутралност. Оваа забрана предизвика многу критики – од ЛГБТ заедницата до конзервативните партии. Како одговор, другите сопственици на стадиони од Германија разнобојно ги запалија своите арени вечерта поради солидарност со угнетените сексуални малцинства.

И на крај, Европа сè уште се соочува со предизвикот што им го поставува на сите нас короавирусот. Како може турнирот да се спроведе одговорно? Како различните земји меѓусебно се поддржуваат? Како што е познато, вирусот не застанува на границите, туку само со разумни одлуки. Овие, особено на меѓународно ниво, не се секогаш ослободени од конфликти.

Случајот Ериксен покажа дека солидарноста е најважна. Така најдобро функционира цивилизацијата. Тимот на Данците сега делува повеќе од било кога како колектив, а врската со нивните сонародници е видливо зајакната. Но, нивното чувство за заедница не е насочено против никого. И противниците на Данците сочувствуваат со нив.

Секако, Европското првенство е одлична забава, доживувањето е прекрасно, уживаме во играта на одличните фудбалски репрезентации. Седмица по седмица, ден по ден, мора да се почитуваат бројките на инциденца и други критериуми за заштита од пандемијата. Каде ќе се одржи финалето, дали во Лондон според планираното или на некое друго место, за што се дискутираше, е второстепено. Одговорот може да биде само: каде што е безбедно.

Страдањето од коронавирусот го чувствува секоја нација, некој порано, некој подоцна, некој помалку, некој повеќе. „Јавното здравје мора да биде приоритет“, вели Борис Џонсон. Во Москва, фан зоната е затворена. Јасно е, се разбира, дека истите правила не се применуваат насекаде. ЕВРО 2020 ни покажува дека во Европа владеат различни услови и дека дури и за фудбалски турнир се бараат постојани преговори. Така е тоа во демократијата.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови