Connect with us

Игли Таре доби задача да го реконструира Милан

Фудбалскиот клуб Милан стави крај на својата долготрајна потрага по нов спортски директор – денес официјално го назначи Игли Таре на таа функција. Поранешниот албански репрезентативец и долгогодишен директор на Лацио потпиша двегодишен договор со можност за продолжување на уште една сезона. Неговата годишна плата ќе изнесува околу 800.000 евра.

Милан првично беше насочен кон Тони Д’Амико од Аталанта, но откако тој одби, клубот се реши за 51-годишниот Таре. Клучниот договор беше постигнат во соработка со извршниот директор Џорџо Фурлани.

„Да се биде дел од клуб со традиција како Милан е голема чест, но и огромна одговорност. Ќе го вложам целото мое знаење и искуство за да помогнам клубот да се врати таму каде што припаѓа – на самиот врв на италијанскиот и европскиот фудбал“, рече Таре по потпишувањето на договорот.

Фурлани, пак, не го криеше задоволството: „Игли е токму тоа што ни треба – човек со знаење, карактер и јасна визија. Тој ќе ни помогне во изградбата на ново амбициозно спортско поглавје.“

Таре е поранешен напаѓач кој својата играчка кариера ја започна во Албанија, а потоа настапуваше и во Германија и Италија, каде што најголем белег остави како играч на Лацио. По завршувањето на кариерата, стана дел од управата на Лацио, каде со години го водеше спортскиот сектор, заслужен за доведување на играчи како Имобиле и Милинковиќ-Савиќ.

Сега, во Милан, ќе ја има целосната контрола врз спортската стратегија – од трансфери до работењето на Миланело. Негова прва голема задача е изборот на нов тренер, а според италијанските медиуми, фаворит е Винченцо Италијано, актуелниот предводник на Болоња. Со тоа, речиси се исклучува можноста за ангажман на Маурицио Сари, со кого Таре имаше отворен конфликт во Лацио.

По разочарувачката сезона во која Милан остана без европски фудбал, клубот се подготвува за темелна реконструкција – со Таре како главна фигура на проектот за враќање на старата слава.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови