Connect with us

Ѓошевски: Пандев е фудбалска икона во Македонија, а Елмас е негов наследник

Македонија направи „уна маџија“, ја збудале Европа со историскиот пласман на ЕВРО 2021. Италијанските медиуми ја глорифицираат акцијата што ја изведе „италијанското“ трио во нашиот национален тим, Елмас – Несторовски – Пандев. Капитенот со фантастична завршница донесе триумф (0-1) и ја одведе Македонија на Европското првенство.

Македонците се сега „на цена“, Никола Ѓошевски, агентот што ги застапува интересите на фудбалерот Елиф Елмас заедно со неговиот татко, во изјава за „наполитанските“ медиуми вели дека Пандев е фудбалски бог во Македонија, а Елиф Елмас е неговиот наследник. 

„Прво би сакал да им честитам на сите фудбалери, стручниот штаб, раководството на Фудбалската федерација и на сите Македонци за тоа што го чекавме долго време, а сега ни се исполни сонот, да бидеме дел од Европско првенство. Оваа генерација мора да биде горда што го исполни сонот на сите претходни генерации. До успехот ги предводеше Горан Пандев како лидер, а го следеше една млада и талентирана група на фудбалери во кои се истакнува и Елиф Елмас. Имаме компактен тим предводен одлично и од селекторот Игор Ангеловски. Во минатото исто така сме имале квалитетни фудбалери во Македонија, но ниедна генерација не била ни приближно до ваков успех“, вели Никола Ѓошевски. 

За него, Горан Пандев е вистинска легенда, го знаат тоа добро и Италијанците, а Елиф Елмас е момчето кое е негов наследник. 

„Горан Пандев е легенда, фудбалски бог во Македонија, а сега си испиша историски триумф и со националниот тим, тоа што единствено му недостигаше во кариерата. Ќе игра на ЕВРО со Македонија. Елиф Елмас е пресреќен од успехот. Знаеме сите колку напорно работеше во изминатиот период, колку се трудеше и колку сакаше да биде во вистинската форма за да игра добро во Наполи и во дресот на Македонија. Беше тажен кога не можеше да им помогне на соиграчите на полуфиналниот плејоф меч против Косово поради позитивниот тест на Covid-19, но против Грузија докажа дека е одличен фудбалер кој има победнички карактер и верувам иден лидер во репрезентацијата на Македонија после Горан Пандев“, изјави Ѓошевски за италијанскитe медиуми.

         

 

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови