
Голманот на Пари Сен Жермен, Џанлуиџи Донарума, изгледа веќе има договор со друг клуб каде што ќе ја продолжи кариерата. Според информациите на весникот „Л’Екип“, Италијанецот има предвремен договор за трансфер во Манчестер Сити.
Како што е познато, Донарума се наоѓа на трансфер-листата на ПСЖ. Луис Енрике донел одлука да се раздели со него по пристигнувањето на Лукас Шевалие. Дополнителна причина за разделбата е одбивањето на Донарума да потпише нов договор и да ја намали својата плата.
Според информациите, 26-годишниот чувар на мрежата имал разговори со Пеп Гвардиола уште пред да биде ставен на трансфер-листата и постигнал предвремена согласност за преселба на „Етихад“. Всушност, Манчестер Сити одамна покажува интерес за италијанскиот репрезентативец и сега веројатно нема да ја пропушти можноста да го ангажира за значително пониска сума од неговата пазарна вредност. Се смета дека ПСЖ е подготвен да го пушти за помалку од 40 милиони евра — сума колку што плати за да го доведе Шевалие.
Од Манчестер Сити сè уште немаат испратено официјална понуда за Донарума, но единствената причина за тоа е што клубот чека најпрво да се раздели со досегашниот голман Едерсон. Бразилецот преговара со Галатасарај и зделката е во завршна фаза, но сè уште не е официјализирана.
Интерес за Донарума има и од Манчестер Јунајтед. На „Олд Трафорд“ го гледаат како потенцијална замена за разочараниот Андре Онана. Сепак, во овој момент „црвените ѓаволи“ значително заостануваат во преговорите и нивните шанси да го донесат се минимални.

-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА КОЛОТО ВО ПРВАТА ЛИГА
Почна новата сезона во Првата фудбалска лига, а фаворитите веднаш се наметнаа со убедливи...
Автор makfudbal
-
МАКФУДБАЛ ИГРАЧ на колото: Димитар Данев (Вардар)
Вардар убедливо го совлада Пелистер (4-1) во вечното дерби, а неверојатно првенствено деби за...
Автор makfudbal

Евро-фудбал
Џовани Леони пристигнува на „Енфилд“

Евро-фудбал
Евертон понуди 37 милиони фунти за Довбик
