Connect with us

Арсенал го покори „Олд Трафорд“, Калафиори го урна Јунајтед (ВИДЕО)

Арсенал ја започна новата сезона во Премиер лигата на најдобар можен начин – со триумф на тешкото гостување кај Манчестер Јунајтед. „Топчиите“ славеа со минимални 0-1 на легендарниот „Олд Трафорд“, а човек на одлука беше Рикардо Калафиори.

Италијанскиот дефанзивец го постигна единствениот погодок уште во 13. минута, откако ја искористи несигурната реакција на голманот Алтај Бајиндир. Наместо да ја исфрли топката подалеку од опасната зона, турскиот чувар на мрежата лошо ја боксуваше, а Калафиори со прецизен удар ја затресе мрежата и донесе голема радост за гостите од Лондон.

Микел Артета реши од самиот старт да му даде доверба на Виктор Ѓокереш, кој беше активен во нападот, додека пак менаџерот на Јунајтед, Рубен Аморим, го остави Бењамин Шешко на клупата. Словенецот доби шанса во последните половина час, но ниту неговото влегување не донесе промена на резултатот.

Најсериозната закана за израмнување ја имаше Брајан Мбеумо, кој со удар со глава се обиде да го совлада Давид Раја. Шпанскиот голман, меѓутоа, уште еднаш ја потврди својата класа и со одлична интервенција го сочува водството.

До крајот на натпреварот Арсенал мудро ја контролираше играта и не дозволи поголем притисок од домашните, запишувајќи важни три бода уште на самиот старт од сезоната. Победата на „Олд Трафорд“ е огромен поттик за „топчиите“, кои уште еднаш потврдија дека ќе бидат меѓу главните кандидати за највисоките позиции во Премиер лигата.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови