Connect with us

Пандев го има клучот од европската порта!

Пишува: Никола Ѓуровски

Мечдеј. За вакви мечеви велат, сега ќе се види кој од што е направен. Мекушите ќе останат долу, упорните и издржливите одат напред – директно на Европско првенство. 

Горан Пандев од малата Македонија отиде во Европа тукушто полнолетен и изгради светска кариера. Освои се што можеше да се освои со Интер, стана легенда на Серија А, а во својата Македонија е божество за тие што знаат да почитуваат, но и само еден обичен фудбалер за некои од останатите. 

Се надевам дека и тие „останатите“ вечерва ќе бидат заедно со фудбалската репрезентација на Македонија и ќе го гледаат „најдобриот танц“ на Пандев предводејќи ја својата национална селекција на патот до ЕП. Да не се лажеме, нема никакви тајни, во него е клучот од портите за Европското првенство. И за среќа, Грузијците ниту од далеку немаат класа како „Ил Гранде Мачедоне“. 

Игра како во втора младост, максимално физички подготвен, искусен, зрел, храбар за да ги поведе помладите во финалната битка. За фудбалското знаење и да не говориме, имаат кажано речиси сите најголеми фудбалски стратези во изминатите две децении. Врвна фудбалска фигура, човек од потег, но токму голем што може на плеќи да ја носи и целата репрезентација. Едно време му се смачи токму од тоа бреме, но се најде човек, селекторот Игор Ангеловски, кој го убеди да се врати. 

Во Пандев е клучот и на денешниот финален меч. И фудбалски, да ја прими, да отвори, да проигра луцидно, да постигне гол. Но, и уште повеќе ментално. Тој е учителот, идолот, иконата за овие помлади фудбалери со кои сега настапува, а поголем дел од нив и одлично го следат со успешно градење на кариерите. Во минатото беше и повеќе повлечен, но сега апсолутно покажува дека е вистински лидер, кој ја води националната селекција кон успехот. 

Самото негово присуство во соблекувалната значи многу за сите останати, кога ќе ги поведе со знаменцето македонско и капитенската лента, им го внесува потребниот мир, им ја дава потребната самодоверба. Сите останати треба само да го следат. Затоа што Пандев знае какви се чекорите за да се искачиш на врвот на Европа. На другите им е доволно само да го следат во чекор…

„Горане, поведи ги браќата кон Европското првенство“….

                    

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови