Connect with us

МАКФУДБАЛ – Тим на 35. коло!

Претпоследното коло од Првата македонска фудбалска лига и дефинитивно ја испрати струмичка Беласица во Втората лига. Со поразот од Работнички на домашен терен, струмичани си го трасираа патот кон второлигашкото друштво, а „романтичарите“, пак, си овозможија сериозна шанса во последното коло да го осигураат четвртото место кое може да донесе европски излез. Силекс ќе игра бараж за останување во Првата лига, а Македонија ЃП веќе и дефинитивно си обезбеди опстанок.

МАКФУДБАЛ го издвои најдобриот тим на 35. коло во Првата лига. 

1. РИСТО ЈАНКОВ (РАБОТНИЧКИ)

Одличен на голот на Работнички на дуелот во Струмица. Максимално сигурен допринесувајќи за триумфот од 0-1 со неколку добри интервенции пред се во вториот дел кога домашните притиснаа за израмнување.

2. ИЗАЛДО ДА СИЛВА (МАКЕДОНИЈА ЃП)

Бразилскиот интернационалец еден од најактивните меѓу „лавовите“ во триумфот против Силекс. Цврст во дефанзивата и одлучен во средниот ред каде всушност се чуваше предноста.

3. ЕГЗОН БЕЈТУЛАИ (ШКЕНДИЈА)

Иако без многу работа на дуелот против Академија Пандев, сепак очигледно расположен за игра, сигурен во дефанзивата на својот тим.

4. ВЛАДИМИР ДИМИТРОВСКИ (РАБОТНИЧКИ)

Без грешка во дефанзивата на Работнички, максимално сигурно со значаен придонес за задржување на празната мрежа.

5. СЕБАСТИЈАН ХЕРЕРА (РАБОТНИЧКИ)

Уште еден добар натпревар на Херера кој одигра одлично и во нападот, асистирајќи за единствениот погодок за триумф од 0-1 против Беласица.

6. ЈОВАН ПОПЗЛАТАНОВ (ВАРДАР)

Најдобриот на теренот на натпреварот против Победа. Со хет-трик ја заокружи убедливата победа на вардарци.

7. АРБИН ЗЕЈНУЛАИ (ШКЕНДИЈА)

Најдобриот натпревар сезонава за младиот Зејнулаи во дресот на Шкендија. Играч на натпреварот во триумфот против Академија Пандев постигнувајќи и два прекрасни погодоци.

8. КРИСТИЈАН АЦКОВСКИ (РАБОТНИЧКИ)

Творецот на победата на „романтичарите“. Одлично голгетерски реагираше за постигнување на единствениот гол кој донесе три бода за Работнички од Струмица.

9. БЕРАТ УСТАБАШИ (ШКУПИ)

Фудбалерот кој донесе бод за Шкупи од пресметката со Ренова. Го постигна голот на колото со шут од околу 30 метри за избегнување пораз на својот тим.

10. ДЕЈАН ТАНТУРОВСКИ (МАКЕДОНИЈА ЃП)

Уште еден одличен натпревар за Тантуровски како најава за финалето од Купот на Македонија. Со убав погодок ја најави победата на својот тим против Силекс.

11. СТЕНИО ЖУНИОР (ШКЕНДИЈА)

Уште еднаш ги потврди сите свои индивидуални квалитети и на дуелот против Академија Пандев. Постигна мајсторски гол со ножички за уживање на навивачите на трибините во Тетово.

ТРЕНЕР НА КОЛОТО: БАЖЕ ЛАЗАРЕВСКИ (РАБОТНИЧКИ)

За клучниот натпревар за Работнички во трката за четвртата позиција на табелата успеа да го понесе тимот кон значајна победа против Беласица во Струмица. Домашните беа повеќе од мотивирани за триумф, но Работнички тактички мудро, трпеливо, контролирајќи го средниот ред успеа да стигне до посакуваните три бода.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови