Connect with us

Рекордер: Гвардиола потрошил две милијарди евра на трансфери во тренерската кариера

Шпанскиот стратег Пеп Гвардиола (54) е апсолутен рекордер по потрошени пари на трансфер пазарот. Според податоците на „Трансфермаркт“, тој во својата 17-годишна тренерска кариера потрошил неверојатни две милијарди евра за засилувања – повеќе од кој било друг тренер.

Во тој период, Гвардиола освои дури 38 трофеи, меѓу кои и три Лиги на шампиони. По една сезона во Барселона Б, четири години на клупата на првиот тим, три во Баерн Минхен, од 2016 година е на чело на Манчестер Сити.

Најскапата аквизиција му е Џек Грилиш, донесен од Астон Вила за 117 милиони евра, потоа следат Хрватот Јошко Гвардиол (90 милиони, од Лајпциг) и Омар Мармуш (75 милиони, од Ајнтрахт). Во редицата на најскапи трансфери се и Рубен Дијаш (71), Родри (70) и Ријад Марез (67).

На второто место на оваа листа е Жозе Мурињо со приближно 1.9 милијарди евра потрошени во текот на својата кариера низ девет клуба (Порто, Челси, Интер, Реал, Манчестер Јунајтед, Тотенхем, Рома, Фенербахче…). Неговиот најголем трансфер е Пол Погба, донесен во Јунајтед во 2016 година за 105 милиони евра.

Трет е Карло Анчелоти, моментално селектор на Бразил, со околу 1.8 милијарди евра потрошени во клубовите што ги предводел (Реал, Милан, Челси, ПСЖ, Баерн, Наполи, Евертон…). Најскапи засилувања во неговата ера се Џуд Белингам (127 милиони од Борусија Дортмунд) и Гарет Бејл (100 милиони од Тотенхем).

Во топ 10 се наоѓаат и Диего Симеоне (1.5 милијарди), Масимилијано Алегри (1.4) и Антонио Конте (1.36).

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови