Connect with us

Пепе Реина на 42 години се реши за пензија: „Ова е крај на едно прекрасно патување“

Шпанскиот голман Пепе Реина и официјално стави крај на својата богата и долга фудбалска кариера. На 42 години, тој реши да се повлече од професионалниот фудбал, а неговиот последен клуб беше италијанскиот Комо, каде оваа сезона забележа 12 настапи.

„Ова е крај на една навистина убава кариера. Живеев полн живот. Благодарен сум што можам да се навратам наназад и да видам сè што сум доживеал. Освен победите, тимовите и луѓето што ги сретнав, најмногу ќе ми недостигаат моментите во соблекувалната… Тоа е посебен свет. Поминаа многу години. Никогаш не мислев дека ќе играм толку долго, но чувствувам дека сега е вистинскиот момент да застанам. Фудбалот е дел од мојата крв, и нема да биде лесно да се оддалечам. Но, подготвен сум за нови предизвици“, изјави Реина за „Movistar+“.

Тој откри дека одлуката ја донел уште во јануари, во договор со својата сопруга.

Пепе Реина остави длабок белег во светскиот фудбал – најдолг период мина во Ливерпул, но бранеше и за Барселона, Вилјареал, Наполи, Баерн Минхен, Астон Вила, Милан, Лацио и Комо. За репрезентацијата на Шпанија одигра 36 натпревари и беше дел од златната генерација која стана светски шампион во 2010 година и европски првак во 2008 и 2012 година.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови