Connect with us

Конте: Сега сѐ е во наши раце, освојувањето на „скудетото“ би бил неверојатен успех за Наполи

Тренерот на Наполи, Антонио Конте, беше задоволен од победата со 2-0 против Торино, која го искачи неговиот тим сам на првото место во Серија А и го направи фаворит за освојување на Скудетото. Тој е среќен бидејќи тимот сега ја држи судбината во свои раце — ако победи во преостанатите четири натпревари, ќе стане шампион.


Интересна ситуација е што Конте изјави дека пред почетокот на натпреварот не знаел дека големиот конкурент Интер изгубил од Рома (0-1) претходно истиот ден.

„Искрено ви кажувам, не го гледав натпреварот. Доволно страдам додека ги гледам нашите натпревари, не можам да страдам и додека играат други. Го гледав второто полувреме од натпреварот меѓу Фиорентина и Емполи. Ако сакате верувајте, ако не — не ми е гајле. Го исклучив телефонот и дури подоцна дознав што се случило. Секој сам си избира како ќе страда“, изјави Конте.

„Сега ни остануваат уште четири чекори. Го направивме првиот и сме на врвот, но мора да внимаваме затоа што нè чекаат тешки натпревари со екипи како Лече и Удинезе, кои се борат за опстанок, а потоа со Џенова и Калјари. Сè е во наши раце. Победивме со голема решителност и верба во нашите можности, а и публиката ни помогна. Таа беше не само 12-ти, туку и 13-ти играч. Дури и доаѓањето на стадионот беше тешко, бидејќи улиците беа преполни со луѓе. Навивачите беа возбудени и инспирирани и ни ја пренесоа таа инспирација“, додаде тој.

Средниот ред е клучен за Наполи оваа сезона — не само Скот Мектоминеј, туку и Станислав Лоботка и Франк Ангиса имаат важна улога.

„Знаејќи со каков состав располагам, моравме да „најдеме голови“, затоа што ова не е тим во кој ќе имате многу играчи со двоцифрен број постигнати голови. Следствено, беше неопходно да работиме напорно и да го извлечеме најдоброто од ресурсите што ги имаме. Имаме 74 бода на четири кола пред крајот, мислам дека веќе сме во Лигата на шампионите. Гледајќи од каде почнавме, ова е извонредно. Сето ова е заслуга е на момците“, рече Конте.

Ако ова е извонредно, што би била титулата во Серија А за Конте?

„Освојувањето на Скудетото би било неверојатно“, заврши тренерот на Наполи.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови