Connect with us

Македонија ја тестира Хрватска пред ЕВРО 2024, но пред сѐ и сопствените можности против еден силен ривал

Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва (19 часот) на „Рујевица“ ќе одигра пријателски натпревар со Хрватска. За „коцкестите“ тоа е прв подготвителен дуел пред Европското првенство, а за нас сериозен тест за можностите и голема проверка на квалитетите против една од најдобрите европски селекции.

Без капитенот Енис Барди, кој е повреден, избраниците на селекторот Благоја Милевски ќе се обидат да одиграат квалитетно против силниот тим на Хрватска.

„Очекувам еден добар натпревар, кога имате меч против селекција која според мене е топ-5 во светот, со сребро и бронза на последните првенства, со квалитет индивидуален и тимски, ни останува само да уживаме во мечот и да видиме како тим до каде сме. Сакаме да ги провериме сите играчи, за да видиме на кого можеме да сметаме во иднина. Се наоѓаме на крај на сезоната, но она кое го гледам во последните денови е дека сите се расположени да го дадат својот максимум. Кога играте за својата држава, мора да сте на повеќе од максимумот, така ќе биде и секогаш. Императив е да видиме до каде сме, во која насока и што треба да поправиме пред септемврискиот циклус“, изјави селекторот Благоја Милевски во пресрет на денешниот меч.

На голот ќе биде Столе Димитриевски, во одбранбеното трио ќе го сочинуваат Муслиу, Серафимов и Манев, а на страничните позиции ќе бидат Димоски и Алиоски.


Во средниот ред се очекува да настапат Атанасов Илјазовски и Алими, заедно со Елмас, кој ќе се трансформира и во офанзивниот дел, помагајќи му на Миовски.

Златко Далиќ, според најавите на Хрватите, ќе изведе состав кој никогаш претходно не играл заедно на еден натпревар. На голот е Ливаковиќ, во одбраната се Вида и Ерлиќ, а странично ќе делуваат Јурановиќ и Соса.

Во средниот ред се Ковачиќ, Мајер и Батурина, на крилните позиции ќе играат Перишиќ и Крамариќ, а најофанзивен ќе биде Бруно Петковиќ.

Дел од главните ѕвезди, Лука Модриќ, Марсело Брозовиќ и Марио Пашалиќ, нема да бидат во комбинација за овој натпревар.

Денешниот дуел меѓу Хрватска и Македонија е деветти во историјата, Хрватите имаат пет победи, два меча завршиле нерешено, а ние можеме да се пофалиме со еден триумф.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови