Connect with us

Трент Александер-Арнолд заминува од Ливерпул: Целиот мој живот сум дел од овој клуб, сакам ново искуство

Десниот бек на Ливерпул, Трент Александер-Арнолд, објави дека ќе го напушти клубот по завршувањето на оваа сезона, кога истекува неговиот договор. Одбранбениот играч, кој потекнува од академијата на клубот од Мерсисајд, си заминува по 20 години поминати во клубот, иако не потврди дали ќе ја продолжи кариерата во Реал Мадрид. Сепак, медиумите со месеци наназад тврдат дека веќе се договорил со „кралскиот клуб“.

„По 20 години во фудбалскиот клуб Ливерпул, сега е време да потврдам дека ќе си заминам на крајот од сезоната. Ова можеби е најтешката одлука што сум ја донел во животот. Знам дека многумина од вас се прашуваа зошто, или беа разочарани што сè уште не сум зборувал за тоа, но секогаш мојата намера беше целосно да се фокусирам на најважните цели на тимот, а тоа е освојување на 20-та титула.

Овој клуб беше целиот мој живот, целиот мој свет, во текот на 20 години. Од академијата до денес, поддршката и љубовта што сум ја чувствувал од сите – и во клубот и надвор од него – засекогаш ќе остане со мене. Засекогаш ќе ви бидам благодарен. Но, никогаш досега не сум пробал нешто поинакво, и оваа одлука е поврзана со желбата за нов предизвик, излегување од зоната на комфор и самоусовршување, како на професионален, така и на личен план.

Секој ден што сум го поминал во овој клуб сум се даваше до максимум, и се надевам дека чувствувате дека ви вратив со иста мерка за сето време што го поминав тука.

Од дното на срцето благодарам на сите – моите тренери, моите менаџери, моите соиграчи, персоналот и нашите неверојатни навивачи.

Бев благословен што ги живеев моите соништа овде и никогаш, никогаш нема да ги земам здраво за готово сите посебни моменти што имав среќа да ги доживеам со вас. Љубовта кон овој клуб никогаш нема да умре“, изјави Трент во своето обраќање во кое ја објави својата одлука.

Александер-Арнолд, кој е дел од Ливерпул од шеста година, досега има одиграно 352 натпревари за првиот тим, освојувајќи две титули во Премиер – лигата, трофеј во Лигата на шампионите, УЕФА Суперкуп, Светско клупско првенство, двапати Карабао куп, како и по еднаш ФА купот и Комјунити шилдот.

Договорот на 26-годишниот фудбалер со Ливерпул истекува на 30 јуни, но Реал Мадрид ќе се обиде да се договори со клубот тој да биде ослободен малку порано, за да може да настапи за „кралевите“ на Светското клупско првенство.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови