
Македонија денеска слави 30 години независност. Ден за празнување, но и за голем фудбалски дуел против Романија, можеби и решавачки во трката за второто место во групата и евентуален бараж за пласман на СП 2022.
Македонскиот национален тим по двете ремија во низа посакува триумф вечерва (20.45 часот) на арената „Тодор Проески“ и ќе се обиде да го оствари со истиот состав што настапи и против Исланд во Рејкјавик.
„Романија е многу сериозна репрезентација. Имаат квалитетни индивидуалци и доаѓаат во добар момент за нив. Но, ние сме сконцентрирани на нашата игра и како треба да изгледаме на терен. Ова ќе биде сосема поинаков натпревар од тој во Букурешт. Не мислам дека е одлучувачки за нашето место во квалификациската група. Се надевам дека до крајот ќе бидеме во игра за второто место. Фудбалерите се мотивирани и подготвени за надигрување, а јас сум задоволен од начинот на кој ги одигравме двата натпревевари. Единствениот проблем со Исланд беше нашиот психолошки момент, но работиме и на тој аспект“, вели селекторот Благоја Милевски.

Македонските репрезентативци го потрошија германскиот кредит од Дуизбург, од онаа сензационална победа над четирикратниот светски првак. Но, надежите се дека со триумф вечерва повторно ќе се наметнат сериозно за втората позиција во групата.
„Натпреварот со Романија ќе биде исто така во висок ритам, напорно е да се издржат три натпревари во краток период, но јас сум убеден дека момците ќе дадат максимум“, порачува македонскиот селектор.
Натпреварот меѓу Македонија и Романија ќе се игра вечерва, на арената „Тодор Проески“ во Скопје, а ќе го суди Антонио Матеу Лахоз. Со ВАР – технологијата ќе раководи Хуан Мартинез Мунуера.

-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА СЕЗОНАТА ВО ПРВАТА ЛИГА
Шкендија ја освои шампионската титула во Првата лига, а излез во Европа и настап...
Автор makfudbal
-
МАКФУДБАЛ ИГРАЧ НА СЕЗОНАТА: Бесарт Ибраими (Шкендија)
Тој е човек – титула. Каде игра Бесарт, тимот ја освојува шампионската круна. Така...
Автор makfudbal

Евро-фудбал
Шешко не сака да оди во Саудиска Арабија
