Connect with us

Инзаги: Гвардиола е надобриот тренер во светот во последните 25 години

Италијанскиот стратег на Ал-Хилал, Симоне Инзаги, изјави дека ќе има среќа вечерва да се соочи со, според него, најдобриот менаџер во историјата на фудбалот, Пеп Гвардиола. Инзаги, кој летово си замина од Интер, беше поразен од Гвардиола во финалето на Лигата на шампионите во 2023 година.

Двајцата се сретнаа повторно кога Интер и Манчестер Сити одиграа натпревар без голови на „Етихад“ во септември минатата година. Сега, откако неодамна го презеде саудискиот гигант Ал-Хилал, Инзаги се подготвува за нов дуел со англискиот шампион.
Вечерва, Ал-Хилал ќе се обиде да му се спротивстави на Манчестер Сити во осминафиналето на Светското клупско првенство на стадионот во Орландо.

„Верувам дека секој тренер што ја започнува оваа професија го гледа Гвардиола како инспирација. Имало фудбал и пред него, ќе има и по него, но тој разви нова фудбалска филозофија и нов начин на игра. Според мене, тој е најдобриот тренер во последните 25 години и е одличен пример за сите нас што се занимаваме со оваа професија“, изјави Инзаги.

„Минатата година одигравме добар натпревар, иако без голови. А претходно беше финалето во Истанбул, каде што, според мене, Интер немаше доволно среќа. Заслуживме повеќе од пораз, но на крајот Манчестер Сити го доби натпреварот и финалето. И денес Манчестер Сити е врвен тим, а ние од Ал-Хилал ќе се обидеме да се претставиме најдобро против екипа од светска класа“, додаде тој.

Инзаги потврди дека капитенот на тимот, Салем Ал-Давсари, и напаѓачот Александар Митровиќ ќе го пропуштат натпреварот поради повреди. Ал-Давсари стана светски познат откако го постигна победничкиот гол за Саудиска Арабија против идниот светски првак Аргентина на Светското првенство во Катар 2022.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови