Connect with us

Харви Барнс го урна Сити (ВИДЕО)

Во Њукасл вечерва се одигра вистински фудбалски спектакл. Домашниот состав успеа да го победи актуелниот шампион Манчестер Сити со 2-1 во дербито од 12. коло на Премиер лигата, а двете екипи одиграа меч полн со динамика, атракции и неизвесност до самиот крај.

Главна фигура на дуелот беше Харви Барнс, кој со два гола го водеше Њукасл до славјето, иако претходно имаше голем кикс што можеше скапо да го чини својот тим. За гостите единствен стрелец беше Рубен Дијаш.

По големиот кикс на Ливерпул кој дома загуби од Нотингем Форест, Арсенал излезе како најголем добитник од денешниот распоред, иако својот дерби-дуел со Тотенхем го игра утре. „Топчиите“ со натпревар помалку имаат предност од четири поени пред Сити и осум пред Ливерпул. На второто место се искачи Челси, кој заостанува три бода.

Во првото полувреме шансите се редеа како на лента на обете страни. Њукасл започна поофанзивно – Донарума двапати блесна со одбрани против Волтемаде, а Барнс во 31. минута промаши празна мрежа. Сити возврати во финишот од првиот дел преку Халанд и Фоден, но ниту тие не го најдоа патот до мрежата.

Вториот дел донесе уште поголемо темпо и неизбежна офанзива. Во 63. минута, по грешка на О’Рајли, Барнс и Бруно Гимараеш одиграа брза и прецизна акција, а Барнс со удар од околу 17 метри го матираше Донарума за водство од 1-0.

Но Сити одговори брзо – по корнерот на Шерки и развиена акција преку него и Докy, топката стигна до Дијаш, кој силно и прецизно погоди за 1-1.

Само две минути подоцна, домашните повторно удрија. По корнерот на Тонали, Гимараеш ја погоди гредата, а Барнс беше најприсебен и од неколку метри ја испрати во мрежата за повторно водство – 2-1.

Иако Сити се нафрли со сите сили по израмнување, Њукасл успеа да се одбрани и да го сочува големиот триумф против еден од најсилните тимови во лигата.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови