Connect with us

Големата дерби-пресметка за крај на есента: Вардар по триумф со Шкендија за славје на „Тодор Проески“

На најдобар можен начин, со големата дерби пресметка денеска од 13 часот на националната арена „Тодор Проески“ во 18. коло од Првата македонска фудбалска лига, Вардар ќе ја прослави есенската круна во сезоната 2019/2020.

Повеќе од заслужено „црвено-црните“ ја заокружуваат првата етапа од шампионатот на врвот од табелата, сега без сомнение посакувајќи и победа против Шкендија за уште едно докажување на квалитетот на младите момци. Токму затоа е и повикот до навивачите како дополнителна поддршка денеска во желбата за триумф и зголемување на бодовното салдо пред актуелниот шампион.

„Ги повикуваме сите оние кои навивате и неизмерно го сакате најтрофејниот македонски клуб, и оние неутралните да дојдат на Националната Арена „Тодор Проески“, каде што Вардар го игра последниот натпревар оваа есен. Есен која ја минавме брилијантно, есен во која славиме прва позиција, а сега имаме шанса да ја зголемиме бодовната разлика. Кога игра Вардар, се навива од срце. Да ги поздравиме момците кои заслужуваат секаква почит и честитки за освоеното прво место. Да навиваме за нив и да им покажеме дека првото место на кое ќе останеме цела зима, ни значи најмногу од се. Затоа сите на стадион со едно фер и коректно навивање да дадеме неизмерна поддршка на нашиот клуб. Ве молиме само тоа да биде во една одлична атмосфера, без никакви проблеми, без расизам и без штета на нашиот клуб. Момците заслужуваат само спортска поддршка“ – повикуваат од ФК Вардар.

Но, јасно е дека триумф од денешниот меч посакуваат и од Шкендија како би ја намалиле разликата пред стартот на пролетниот дел од сезоната.

„Факт е дека не чека тежок меч на кој посакуваме да ги повториме игрите кои изминатиов период ги демонстриравме пред нашите навивачи. Вардар е бодовно многу пред нас и затоа сакаме сето тоа да се намали пред паузата“ – вели шефот на стручниот штаб на Шкендија, Ернест Ѓока.

Билетите за дербито меѓу Вардар и Шкендија ќе се продаваат на билетарата на стадионот пред мечот по цена од 100 денари. Ќе мора само да се покаже документ за лична идентификација при секоја набавка на влезница. Мечот е од висок ризик, поради што не е дозволено присуство на гостински навивачи.

ПРВА ЛИГА – 18. КОЛО (денеска, 13 ч.)
Скопје: ВАРДАР – ШКЕНДИЈА
Тетово: РЕНОВА – РАБОТНИЧКИ
Струга: СТРУГА ТЛ – БОРЕЦ
Скопје: ШКУПИ – МАКЕДОНИЈА ЃП

ВЧЕРА
СИЛЕКС – АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ 3-1

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови