Connect with us

„ФРИ“ ИНТЕРВЈУ НА ФРИ-ШОП – Игор Ангеловски: Македонија нема да биде само на туризам и на Европско

МАКФУДБАЛ.МК на Кипар, 

Никола Ѓуровски

Каде ќе направите „фри – брејн“ интервју со Игор Ангеловски ако не во фри-шоп. На враќање од Кипар, последната дестинација за македонскиот национален тим во 2020 година, која за жал заврши со пораз од Ерменија (1-0) и останување во Лигата Ц. 

„Видовте и сами, бевме подобри, а Ерменците успеаја да постигнат гол од една наша лоша реакција. Наивен гол, но, сепак, им честитавме на триумфот. За нас останува да се гордееме што успеавме да ја смениме историјата и ќе бидеме дел од Европското првенство“, вели селекторот.   

Човекот што ја преврте нацијата со историскиот успех предводејќи ја фудбалската репрезентација зафатен да купи подароци за децата и вели…

„Сега одам дома и ќе им се посветам на децата. Долго бев отсутен, го чекаат тато да си играме, да возиме велосипед. Лука знае дека ќе одиме на Европско, тој и тренира фудбал. Знае дека тато, Пандев и другарите направија голем успех, но сака сега малку и со него да се „дрибламе“ пред зграда“, истакнува Мрме. 

Непосреден е, онлајн секогаш е поврзан со семејството, но му недостига да биде малку повеќе со нив. Им ветил дека сега „нема да мрдне од дома“ два месеци. 

„Семејството е најголемата поддршка. Децата едвај чекам да ги видам, сопругата, малку да се стабилизираме после се и да размислиме каква огромна работа направивме со пласманот на Европското првенство. Ќе морам и да учам математика, јас сум задолжен за советите по тој предмет, се друго и е оставено на сопругата. Но, и на мама и треба помош со три деца, нели“, се смее Игор Ангеловски. 

Фудбал, сепак, мора малку да „закачиме“ и во ваков разговор. Пет години е на кормилото на националниот тим, дали некогаш воопшто помисли на стартот од оваа селекторска авантура дека Македонија би можела на Европско првенство. 

„Уште од првиот момент, Знаете добро дека го зборував, дури и го потенцирав тоа од самиот старт. Нашата мисија е Македонија да се пласира на Европско првенство. Неизмерно сум горд што ја остваривме целта, благодарејќи пред се на одличните игри на фудбалерите, почнувајќи од капитенот Горан Пандев, па се до последниот на списокот. Тие се вистински херои, затоа што да се биде меѓу учесниците на ЕВРО во фудбал е неверојатен подвиг. Драго ми е што изградивме едно големо семејство, што се поддржуваме секојдневно, што сите живееме како браќа, што сите играат за еден, еден за сите, секој што е повреден и му е тешко за било каков проблем во животот – сите заедно го решаваме. И тоа е најголемата придобивка на Македонија. А ќе одиме на ЕП да уживаме и еве уште отсега кажувам, може оваа селекција и до вториот круг. Секоја чест за Австрија, Украина и Холандија, но Македонија нема да биде само на туризам и на Европско“, цврсто е уверен селекторот. 

Има време до Европско, тукушто заврши овој напорен циклус, а сега треба да се наполнат батериите и да се стартува одново со нови сили, со проектот „Македонија гордо на ЕП“. На потег е Фудбалската федерација на Македонија оти на селекторот на крајот од годината и официјално му истекува договорот, а обврските завршија синоќа. Сега ќе учи математика со децата, ќе вози велосипед и ќе „дрибла“ пред зграда со Лука. 

 

        

        
 

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови