Connect with us

Челси пријави загуба од 121,3 милиони фунти

Фудбалскиот клуб Челси денеска соопшти дека во сезоната 2021/22 имаше вкупна загуба од 121,3 милиони фунти, како резултат на санкциите што британската влада ги воведе на поранешниот сопственик на клубот, Роман Абрамович.


Рускиот милијардер го стави клубот на продажба на почетокот на март минатата година, по почетокот на руската инвазија на Украина, но британската влада набрзо воведе санкции за Абрамович, што ја искомпликува продажбата.

Владата тогаш издаде „специјална лиценца“, со што се осигура дека Челси може да продолжи да игра натпревари и персоналот да биде исплатен. Но, клубот не можеше да продава нови билети на навивачите или да продава брендирана стока.

Ограничувањата останаа на сила до 30 мај минатата година кога конзорциумот предводен од американскиот бизнисмен Тод Боели го заврши преземањето на клубот.

Челси денеска ги објави годишните сметки и изјави дека влијанието на санкциите ќе се почувствува во „наредните години“.

„Во текот на овој период, клубот беше ограничен во голем број области – вклучително и продажба на натпревари и сезонски билети, продажба на стоки, резервации за настани, како и потпишување играчи и спонзори, што резултира со вонредни трошоци и губење на приходите“, соопштија од Челси.

Клубот и покрај санкциите го зголеми прометот од 434,9 на 481,3 милиони фунти, како и комерцијалните приходи на 177,1 милиони фунти.

Финансиските резултати на Челси за сезоната 2021/22 покажуваат и дека во играчкиот кадар се вложени 118 милиони фунти, но и дека од продажба на играчи е остварена добивка од 123 милиони фунти.

Клубот соопшти дека продолжува да се усогласува со финансиските регулативи на УЕФА и Премиер – лигата и покрај загубите и влијанието на владините санкции.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови