Еден од најочекуваните натпревари во светскиот фудбал ќе се одигра денеска на „Бернабеу“, каде Реал Мадрид ја пречекува Барселона во големото дерби на шпанската Ла Лига.
Реал Мадрид влегува во дербито како лидер на табелата со 24 бода, додека Барселона е веднаш зад него со 22. Разликата е минимална, но влогот е огромен — победата може да биде клучна за психолошката предност во битката за титулата.
„Кралскиот клуб“ се наоѓа во одлична форма со четири последовни победи во сите натпреварувања. Последната ја забележа против Јувентус со 1-0 во Лигата на шампионите. Екипата на Чаби Алонсо изгледа сигурна во сите линии на теренот. Единствено потсетување на кризата е поразот од 2-5 против Атлетико Мадрид, но од тој момент Реал изгледа целосно фокусиран и стабилен.
Барселона, предводена од Ханси Флик, исто така покажува амбиции за враќање на врвот. Каталонците во Лигата на шампионите го декласираа Олимпијакос со 6-1, а во првенството ја совладаа Џирона со 2-1. Сепак, поразите од Севилја и Пари Сен Жермен оставија горчлив вкус и ја зголемија потребата за реакција токму во дербито со Реал.
Минатата сезона беше целосно во знакот на Барселона, која славеше во сите четири меѓусебни дуели — два во Ла Лига, еден во Суперкупот и еден во Купот на Кралот.
Реал последен пат ја совлада Барселона во април 2024 година, кога триумфот практично му ја обезбеди титулата.
Во фокусот овојпат се две ѕвезди од различни генерации — Килијан Мбапе и Ламин Јамал.
Мбапе е лидерот на Реал со 10 голови во девет натпревари во Ла Лига и вистински кошмар е за Барселона — пет погодоци во последните четири Ел Класика, меѓу кои и хет-трик во последниот дуел.
На спротивната страна, 17-годишниот Ламин Јамал продолжува да фасцинира со зрелата игра и ефективност — има постигнато два гола и четири асистенции во последните пет натпревари, а против Реал веќе има три погодоци и две асистенции во само четири дербија.
Сето тоа најавува ново спектакуларно издание на Ел Класико — судир на генерации, стилови и страсти, што повторно ќе го држи целиот фудбалски свет прикован пред ТВ екраните.
-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА КОЛОТО ВО ПРВАТА ЛИГА
Струга Трим Лум го задржа врвот на табелата по деветтото коло откако одигра 2-2...
Автор makfudbal
-
МАКФУДБАЛ ТРЕНЕР на колото: Бобан Грнчаров (Македонија ЃП)
Македонија ЃП оствари убедлив триумф над Арсими (4-1) и се придвижи кон средишниот дел...
Автор makfudbal













