Connect with us

Чалханоглу му возврати на Лаутаро: „Зборови што повредуваат и разделуваат“

Хакан Чалханоглу се почувствува директно погоден од неодамнешната изјава на капитенот на Интер, Лаутаро Мартинез, кој отворено порача: „Кој сака да остане – нека остане, кој не сака – нека си оди“. Според претседателот на клубот, Бепе Марота, Аргентинецот мислел токму на турскиот репрезентативец.

Чалханоглу, кој поради повреда не настапи на Светското клупско првенство, одлучи да одговори преку објава на социјалните мрежи:

„По повредата на финалето од Лигата на шампионите, заедно со клубот решивме да отпатувам со тимот во САД. Сакав да бидам со соиграчите и да ги поддржам, иако не можев да играм. За жал, таму добив нова мускулна повреда, во друга област. Тоа е причината што не настапив, но и мене ме боли поразот.“

Турскиот играч вели дека по мечот лично се јавил на неколку соиграчи за да понуди поддршка, нагласувајќи дека вистинските луѓе тоа и го прават. Меѓутоа, не ги сокри чувствата за изјавата што уследи:

„Најмногу ме изненадија зборовите што следуваа. Зборови што навредуваат, зборови што создаваат поделби, наместо да не обединат.“

Тој потенцира дека секогаш ја преземал одговорноста и не се криел зад изговори, играјќи и во болка кога било потребно:

„Го почитувам секое мислење, било да доаѓа од соиграч или од претседателот на клубот. Но, почитта не е еднонасочна улица. Таа мора да биде взаемна – на теренот и надвор од него. Во фудбалот, како и во животот, силата лежи во почитта, особено кога емоциите се силни.“

Во завршницата на својата порака, Чалханоглу категорично додава:

„Никогаш не сум го предал овој клуб. Никогаш не сум рекол дека не сум задоволен од Интер.“

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови