Connect with us

Васоски: Порано бевме конкуренти за титулата, ние сега сме последни, ќе се бориме прoтив Шкендија (ВИДЕО)

Некогаш големо дерби, дега дуел на аспирант на титулата и последно пласираниот тим. Ова е ситуацијата во пресрет на дуелот меѓу Вардар и Шкендија утре. Поради ова тренерот на Вардар Александар Васоски вели ќе биде голем предизвик за неговите фудбалери.

„Натпреварот со Шкендија е едно големо дерби во македонскиот фудбал, особено ако се земат во предвид дуелите од пред три-четири години кога и двете екипи беа во конкуренција за титула. За жал сега Вардар е последен на табелата, и овој натпревар ќе биде многу тежок за нас бидејќи играме со првопласираната екипа на табелата. Знаеме дека оваа сезона играме променливо, но ако го видиме последниот меч со Брегалница од каде земавме бод, а можевме и три, може да кажеме дека трендот е во нагорна линија. Мислам дека на овој натпревар со Шкендија ќе има што да кажеме и ќе се обидеме да победиме. Освен Николовски кој има жолти картони, другите сите се на располагање, очекувам од секој фудбалер кој ќе биде на теренот максимална ангажираност и Вардар да успее да победи на овој тежок натпревар“, вели тренерот на Вардар, Александар Васоски.

Капитенот Дарко Мицевски смета дека утре нема да одлучува квалитетот, туку желбата и карактерот.

„Натпреварот меѓу Вардар и Шкендија да се играше во некои понормални времиња и понормални услови ќе беше меч кој ќе одлучуваше кој ќе биде есенски шампион. За жал, реалноста е друга, ние сме во зоната за испаѓање и се бориме да излеземе од неа. Противникот има свои математики, се бори за прво место, па мислам дека ќе биде еден интересен натпревар. Според мене, утре нема да победи поквалитетниот, туку тој што ќе има повеќе желба и што ќе покаже повеќе карактер на теренот. Верувам во себе, верувам во своите соиграчи дека утре ќе бидеме на потребното ниво за клуб каков што е Вардар. Утре играме на домашен терен, а кога играме пред своите навивачи секогаш одиме на победа без разлика кој е фаворит на хартија“, рече Дарко Мицевски.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови