Connect with us

Вардарецот што ја освојува Америка – Бојан Колевски, дел од „дрим-тимот“

Во дресот на Вардар беше еден од најталентираните млади фудбалери, го поврзуваа со трансфер во неколку европски клуба, а тој се реши да оди преку Атлантикот. Можеби и неочекувано, Бојан Колевски, замина во Соединетите Американски Држави, откако доби стипендија на Кливленд Стејт универзитетот. Таму доби можност да студира за физиотерапевт, но и да продолжи да игра фудбал, покажувајќи им на Американците дека во Македонија се игра одличен „сокер“.

Откако заврши сезоната, Бојан Колевски се врати на одмор во Македонија и има со што да се пофали. Тој е избран во „дрим – тимот“ на колеџ-првенството (All – Horizon League) на Соединетите Американски Држави.

„Избран сум во најдобриот „Freshman Team“, тимот на најдобрите бруцоши во Лигата, а исто така сум дел и од вториот најдобар тим во Лигата. Навистина сум среќен и горд на мојата прва сезона во Кливленд Стејт. Се снајдов одлично, условите се неверојатни, не можете ни да се замисли што се нуди целиот кампус на Кливленд Стејт универзитетот за развојот на младите спортисти. Фудбалски и тениски терени, базени, сауни, теретани, врвна медицинска грижа. И морам да признам дека фудбалот и во Америка веќе наголемо навлегува како спорт кој сериозно ги загрозува и кошарката, бејзболот и нивниот американски фудбал. Задоволен сум и верувам дека следната сезона ќе бидам уште подобар, а признанијата ќе бидат мотив повеќе за ново докажување“, вели Бојан Колевски за Макфудбал.мк

Бојан Колевски се врати во Скопје и го дочека Вардар како второлигаш. Вели дека тоа е најголемата негова болка, целото детство го посвети на „црвено-црниот“ дрес.

„Вардар секогаш ќе има посебен дел во моето срце. Тоа е најголемиот македонски бренд, и во Америка знаат само за Вардар и верувам дека ќе се врати експресно во елитата, на местото каде што заслужува, во самиот врв на македонскиот фудбал и пошироко. Јас израснав во клубот, добив шанса да играм и на прволигашка сцена и верувам дека ќе се изнајде начин како Вардар да го врати повторно својот сјај“, истакнува Бојан Колевски.

Иако е далеку, во Америка, секогаш стои на располагање и за настап во македонската фудбалска репрезентација.

„Апсолутно, секогаш сум тука за Македонија. Во помладите категории бевме заедно со Дарко Чурлинов, драго ми е кога гледам дека сега тој е веќе сениорски репрезентативец и дека ќе игра на Европското првенство. Бевме селекција во која беше и Дејан Кулушевски, а јас бев капитен“, вели Бојан Колевски.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови