Connect with us

Шумуликоски: Уште го имам стариот пасош, не ја признавам Северна и горд сум на македонските фудбалери!

Го носеше дресот на Македонија на 84 натпревари. Во негово време се беше поинаку, немаше ниту можност преку Лигата на нации квалитативно послабите селекции да се пласираат на Европско првенство. Сега е спортски директор на Словачко и е горд што Македонија успеа да направи историски успех – да се пласира на ЕВРО 2021.

Величе Шумуликоски вели и дека не го признава новото име Северна Македонија и дека се уште го има стариот македонски пасош.

„Тоа е политика. Не признавам дека сум од Северна Македонија, тоа мене ништо не ми значи. Се уште го имам стариот македонски пасош. Сега сум горд Македонец кој ужива во историскиот успех на фудбалската репрезентација која успеа да се пласира на Европско првенство. Тоа е неверојатен успех, Македонија буквално експлодираше од среќа. Досега најчесто ракометот носеше убави моменти, но фудбал е нешто сосема поинаку“, истакнува Величе Шумуликоски во интервју за „Иднес“. 

Шумуликоски упатува честитки до фудбалските репрезентативци и стручниот штаб за огромниот успех. 

„Македонија е тим со победнички дух. Заслужено се пласираа на ЕП. Најголем дел од фудбалерите играат во странство и тоа многу помогна. Во мое време имаше само квалификации, се играше во групи со по седум селекции, за ривали имавме силни репрезентации како Холандија, Англија, Турција… Исто така и судиите не ги сакаа „помалите селекции“. Но, УЕФА сега направи големи промени, сега има респект за сите селекции, не ги „сечат“ ниту судиите“, раскажува Шумуликоски.

Капитенот Горан Пандев и селекторот Игор Ангеловски, според него, се носителите на овој голем успех.

„Пандев на 37 години покажа дека во фудбалот нема млади и стари, туку тука е оној само кој може и знае да игра. Тој е вистински лидер, ја однесе Македонија на ЕП. Игравме заедно уште од почетоците на националниот тим, веднаш по пласманот му испратив порака да му честитам. Не ми одговори неколку дена, дури до недела. Во тимот се и Елмас од Наполи, Алиоски од Лидс, Димитриевски од Рајо, Несторовски од Удинезе… 70% од играчите се во странство. Македонските фудбалери имаат техника, но некој мора да го состави тимот. Игор Ангеловски му донесе на тимот и тактика и дисциплина. Кога овие две работи ќе се спојат, успехот е неминовен. Игравме заедно во Словенија со Ангеловски, тој е многу паметен и го разбира фудбалот. Се слушнавме и му честитав за постигнатото“, изјави поранешниот репрезентативец. 

Напомена и дека Илија Несторовски бил во Словачко и клубот не успеал најдобро да го искористи, а ова лето беше блиску до ангажман и на македонски репрезентативец. Се работи за Марјан Радески кој сега го носи дресот на прволигашот Академија Пандев. 

 

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови