Работнички до пред неполн месец важеше за сериозен кандидат за излез во фудбалска Европа, но слабите игри во последно време придонесоа „романтичарите“ да паднат во долниот дел од табелата. Четирите порази во низа значеа и загрозување на шансите за опстанок, па така сега Работнички има само два бода повеќе од екипата на Силекс. Токму поради тоа, тимот од Дебар Маало не смее да си дозволи неуспех и на денешниот дуел, во кој за ривал ќе го има силниот тим на Вардар. „Црвено-црните“ веќе имаат обезбедено излез во фудбалска Европа, но продолжуваат да играат во силен ритам откако во минатото коло ремизираа со Шкупи (2-2).
„Секогаш е тешко кога се влегува во серија на порази, особено во финишот од првенството. Мораме да излеземе од летаргијата, да се обидеме да си го вратиме победничкиот лик. Фудбалерите се изморени, крај е на сезоната, но мораме да го дадеме максимумот и да го заокружиме првенството како што доликува. Вардар е силен тим, но ние ќе сториме се за да одиграме добар меч и да освоиме бодови“ – изјави тренерот на Работнички, Баже Лазаревски, во пресрет на денешното градско дерби.
Силекс го очекува тешко гостување во Тетово против Шкендија, но кратовци се надеваат дека шампионот ќе одигра нешто помалку ангажирано од вообичаено, со оглед на фактот дека тетовските „црвено-црни“ минатото коло ја осигураа титулата. Македонија ЃП ќе го пречека Шкупи во уште една скопска пресметка, додека Ренова ќе му гостува на тимот на Беласица.
Голем фаворит во ова коло е екипата на Академија Пандев, која на домашен терен ќе ја пречека веќе испаднатата Победа.
ДВОЈКИ ПРВА ЛИГА, 33.КОЛО (16.30 ч.)
Вардар – Работнички, Беласица – Ренова, Македонија ЃП – Шкупи, Шкендија – Силекс, Академија Пандев – Победа.
-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА ПОЛУСЕЗОНАТА
Силекс заврши на врвот по првиот дел од сезоната во Првата лига, благодарејќи на...
Автор makfudbal
-
МАКФУДБАЛ ИГРАЧ на полусезоната: Али Регба (Работнички)
Работнички е најпријатното изненадување на првиот дел од сезоната во Првата фудбалска лига. „Романтичарите“...
Автор makfudbal