Connect with us

Почнува новиот формат во Лигата на шампионите, Реал Мадрид го брани трофејот, а ќе има и четворица Македонци

Почнува новото издание на Лигата на шампионите. Заедно со бранителот на титулата Реал Мадрид, за најпрестижниот клупски трофеј во фудбалот ќе се борат уште 35 клуба. Меѓу нив и четворица македонски фудбалери, Елиф Елмас со Лајпциг, Бојан Миовски со Џирона, како и Стефан Ристовски и Аријан Адеми со Динамо Загреб.


Оваа сезона на Лигата на шампионите ќе биде преседан во споредба со претходните изданија по многу работи.

Имаме рекорден број на клубови учесници, најголемиот награден фонд на УЕФА досега, и целосно нов формат на натпреварувањето, каде што како воведна фаза повеќе нема да постојат осум групи со по четири клуба, на што бевме навикнати во претходните години.

Лигата на шампионите (како и сите останати натпреварувања на УЕФА) од оваа сезона се игра според нов, проширен формат. Сите 36 клуба ќе бидат во иста лига, а секој клуб ќе игра осум натпревари, сите против различни противници. Четири натпревари ќе играат дома, а четири на гости.

Осумте најдобри клубови ќе одат директно во осминафиналето, додека тимовите од 9-то до 24-то место ќе разигруваат за осминафинале, а останатите ќе испаднат од Европа и нема да се префрлат во Лига Европа.

Првото коло на Лигата на шампионите ќе се игра од вторник до четврток, а останатите седум кола како досега, во вторник и среда. Првото коло ќе се игра од 17-ти до 19-ти септември, а последното коло е закажано за 29-ти јануари, што значи дека Динамо за првпат во историјата ќе презими во Лигата на шампионите. Нокаут-фазата почнува на 11-ти февруари, а финалето ќе се игра на 31-ви мај на „Алијанц Арена“.

Трофејот го брани Реал Мадрид, кој вечерва на „Сантијаго Бернабеу“ го пречекува германскиот вицепрвак Штутгарт, а најинтересен од првиот натпреварувачки ден се чини дека е дуелот меѓу Милан и Ливерпул.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови