Европската Суперлига сериозно го разрдма европскиот и светскиот фудбал во изминатите 48 часа. 12 богати клубови од Премиер – лигата, Ла Лига и Серија А се обидоа да се „отцепат“, да ја напуштат Лигата на шампионите и натпреварувањата под закрила на УЕФА и ФИФА и да формираат ново натпреварување – Суперлига.
Реал Мадрид, Барселона, Атлетико Мадрид, Манчестер Јунајтед, Ливерпул, Челси, Манчестер Сити, Арсенал, Тотенхем, Јувентус, Интер и Милан, за најголем дел од луѓето се големи клубови за кои навиваат, а генералниот секретар на Работнички, Ненад Монев, како дел од ЕКА, ги имаше и како свои соработници. Тој одблиску објаснува како ова „предавство“ беше видено и во Европската асоцијација на клубови (ЕКА).
„Желбата на големите клубови да формираат Суперлига е позната на сите веќе подолго време. Но, тоа никогаш не беше тема на разговор во ЕКА. За тие што не знаат, досегашен претседател беше Андреа Ањели, првиот човек на Јувентус, кој поднесе оставка на функцијата токму откако се обзнани идејата за формирање на Суперлигата. Заедно со него оставки поднесоа и клубовите преку ниовните претставници во ЕКА, повеќето од нив беа и во највисоките комитети на УЕФА. Претходно, никогаш и не станало збор за ова на состаноците на ЕКА. Напротив, стануваше збор за потпишување на нов договор за соработка меѓу ЕКА и УЕФА, таканаречен Меморандум за разбирање, според кој на клубовите ќе им се даде поголемо влијание и авторитет во управувањето со идните натпреварувања и финансии. Последните преговори се одржаа минатата недела кога ЕКА требаше да заземе став во врска со предлогот на УЕФА за форматот на натпреварување во Лигата на шампионите по 2024 година, а најмногу се водеа разговори за четирите дополнителни места во Лигата на шампионите“, вели Ненад Монев за МАКФУДБАЛ.
Одеднаш, преку ноќ, дојде информација дека токму дел од највлијателните клубови во ЕКА се „одметници“, дека ја напуштаат асоцијацијата и формираат Суперлига.
„Во ЕКА сите беа комплетно шокирани од веста дека неколку големи клубови се пријавиле за нов проект во Суперлигата. Многу индикативно беше и дека претседателот Андреа Ањели и некои од претставниците на овие клубови не беа достапни за никого за да одговорат дали сето тоа е вистина. Потоа, откако дојде и официјална информација, членовите на Извршниот одбор на ЕКА имаа вонреден состанок, на кој не присуствуваа претставници на „одметнатите“ клубови. Асоцијацијата не знаеше ништо за новиот проект. И сосема е јасно дека основањето на Суперлигата не може да се случи преку ноќ, тоа секако е процес што трае извесно време, а ете тие работеле за свои цели додека паралелно течел и процесот на создавање нови натпреварувања на УЕФА, со кои сите во ЕКА беа преокупирани“, истакнува претставникот на ФК Работнички во ЕКА.
Јасно е, ЕКА комплетно застана зад УЕФА, ФИФА и зад нивните федерации како членки.
„ЕКА, како и другите засегнати страни (УЕФА, ФИФА, Ла Лига, Премиер – лига, Серија А, федерациите) не поддржаа формирање на една таква лига, што не може да донесе придобивки за иднината на фудбалот. Создавањето група на пребогати клубови ќе предизвика голема празнина во споредба со другите. Особено сега, во време на глобална криза предизвикана од пандемија на коронавирусот. Сега сите фудбалски клубови се погодени од финансиски загуби и потребна е поголема солидарност од кога било. Голема улога одиграа и претставници на германските великани Баерн Минхен и Борусија Дортмунд, како и францускиот Пари Сен Жермен, кои не се приклучија на Суперлигата. Веќе сме сведоци како ова здружување на „одметнатите“ клубови пропаѓа и јасно е дека сите ќе се вратат под закрилата на УЕФА и на ФИФА. Навивачите покажаа дека мора да бидат респектирани, дека фудбалот е многу повеќе од само глобален бизнис, дека тоа е начин на живот за секој навивач, а и малите секогаш мора да имаат мотив дека ќе можат да напредуваат и еден ден да застанат рамо до рамо со најголемите европски фудбалски клубови. Тоа е еден од постулатите и на ЕКА, таму сите клубови членки се еднакви.“
На крајот, сето ова е далеку од Македонија, а трите македонски клуба во ЕКА и понатаму остануваат посветени комплетно на асоцијацијата.
„Можеби ова се е далеку од Македонија и ќе речете дека не не засега бидејќи е светлосни години пред нас, но на долг рок можеби и би влијаело доколку вакви фудбалски потреси, доведат до одреден дисбаланс од аспект на финансиите кои ги генерира 2те натпреварувања под капата на УЕФА, а од оваа година и 3тото. Можеби би имало промени во процентуалната застсапеност на натпреварувањата во распределбата на вкупниот финансиски колач и можеби тоа би длвело намалување на средствата кои доаѓаат за настап во европските купови. Знаеме дека македонските клубови, за разлика од многу други соседни земји, се многу повеќе зависни буџетски од пласманот во Европа, додека најголем дел од останатите европски клубови имаат многу повеќе спонзори. Работнички, Варсар и Шкендија се македонски претставници во ЕКА и можам да кажам дека ФК Работнички, покрај спортските успеси и успешната трансфер политика изминативе години, доста активен и успешен е и во делувањето во рамките на ЕКА, како член на Комитетот за ЕУ социјален дијалог и член на Работната група за институционални релации. Следствено тоа остануваме посветено на идејата за издигнување оваа клупска асоцијација на уште повисоко ниво во иднина“, заврши Ненад Монев.
За нов претседател на ЕКА по оставката на Андреа Ањели е избран Насер Ал Келаифи, првиот човек на францускиот клуб Пари Сен Жермен.
-
Ексклузивна колумна на Филип Лам: Хомогеноста на Шпанија против непредвидливите Германци
Осум селекции сѐ уште остануваат, но сите дваесет и четири нации придонесоа за успехот...
Автор makfudbal
-
(ИН)ДИРЕКТ: Време е за ново „правило“: Ако не минеш две кола во Европа, следните три години „не смееш“ да играш!
Македонските фудбалски туристи се прошетаа низ Европа, добро, низ споредните државички кои се далеку...
Автор Nikola Gjurovski