Connect with us

Македонија испушти победа, но заслужи аплаузи против Словенија (ВИДЕО)

Македонија е подготвена за Европско првенство. Елиф Елмас покажа магија, погоди во 55.минута и донесе водство од 1-0 против Словенија, но сепак, „црвено-жолтите“ не победија (1-1) во првиот од двата пријателски натпревари што „црвено-жолтите“ ќе ги играат на Националната арена „Тодор Проески“ пред заминувањето за Букурешт. Добија лекција дека фудбалот се игра до самиот крај, а Словенците израмнија длабоко во судиското продолжение со голот на Домен Чернигој. За три дена е и вториот тест против Казахстан.

Публиката се врати на нашиот најголем стадион и ги поздрави македонските херои кои остварија историски пласман на ЕП. Предводени од капитенот Горан Пандев и младата суперѕвезда Елиф Елмас, избраниците на Игор Ангеловски покажаа дека имаат победнички менталитет. Не е лесно да се совлада Словенија со Јан Облак и со Јосип Иличиќ…

Ангеловски го изведе најдобриот тим што го има на располагање во моментот, без Енис Барди, кој се бори со Ковид-19 и е во изолација и без повредениот Илија Несторовски. Со Пандев – Елмас – Трајковски како трио, со Адеми како централен играч за врска, со Бобан Николов како бек – ап, со Алиоски и со Стефан Ристовски на страничните позиции. Столе Димитриевски е на голот, Бејтулаи, Велковски и Муслиу во централниот бедем пред голот.

Иличиќ во првиот дел им зададе мака на македонските дефанзивци, имаше и една одлична шанса, но за среќа шутираше крај голот.

Капитенот Горан Пандев во 52.минута беше во убава можност, шутираше од пеналтикот, но блокираше словенечката одбрана. Само три минути подоцна, Езгјан Алиоски теле-диригирано го погоди Елиф Елмас „во око“, а дијамантот покажа дека е вонсериски материјал и од прва погоди откосо од десната страна во спротивниот агол.

Се разигра и Адеми, им продаде неколку дриблинзи на Словенците, тамам за да им покаже дека помина нивниот период кога одеа на големи натпреварувања, а сега Македонија е во победнички муд. И во опасен налет. Во вториот дел добија шанса и Костадинов, Тричковски, Аврамовски, Кире Ристевски, Хасани, Чурлинов…Македонија има и длабочина на клупата. Но, треба до крајот да ја задржи и концентрацијата.

Предупредување пред ЕП. Домен Чернигој во 97.минута, од една навидум безопасна шанса, успеа да го совлада Столе Димитриевски и да израмни, за конечни 1-1.

Сепак, момците заслужија од трибините да се скандира….„Горан Пандееев“…..„Елииф Елмас“…..Македонија, Македонија, Македонија!

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови