Connect with us

(ИН)ДИРЕКТ: Играат добро, ама бадијала – ако не победуваат!

Каде бевте? На натпревар. Што направивте? Игравме добро.


Не, не, што направивте? Резултат…Загубивме. Ама, во поле игравме, доминиравме, им направивме многу шанси.

Не поминува ова веќе во европскиот фудбал, да бидам искрен, никогаш и не поминувало. И токму затоа, не може да бидеме на „вистинскиот пат“, ако губиме речиси од сите во групата Ц од Лигата на нации, освен од Гибралтар.

Во ред, имаме промена на генерации, се пензионираше Горан Пандев, дојдоа некои помлади момци, кои имаат потенцијал, но, сепак, треба време за сето тоа да се развие во квалитет. Посебно оној европски квалитет.

Да бидеме искрени, европски квалитет, во моментов – немаме!

Имаме двајца играчи од Лига 5, Столе Димитриевски во Шпанија и Елиф Елмас во Италија. Третиот, Илија Несторовски, не добива повик оти немал минутажа. Демек, овие другиве „растураат“ од играње. А тие што играат врвен европски фудбал, во репрезентацијата треба да покажат и дека се лидери, да преземат одговорност.

Имаме и уште двајца кои играат во Лигата на шампионите, капитенот Стефан Ристовски и Аријан Адеми, кои се повредија во ептен незгоден момент. Со нив и без нив, како што гледаме, воопшто не е ист ликот на националниот тим. Само, да не ги видиме сега дека веднаш ќе заиграат за Динамо…

Сето друго е гол просек, па дури и под тоа. Единствено над просекот се Енис Барди и Езгјан Алиоски, кои играат во големи турски клубови. Но, и тоа е далеку од врвниот европски фудбал, прашајте го Барди, сигурно ја чувствува разликата.

Се радуваме сите дека Миовски ќе даде гол за Абердин, ама далеку е тоа од европски фудбал. Се радувам и јас дека тој од МТК напредна и отиде во Шкотска, ама со три гола не стана веднаш Ибрахимовиќ или Халанд. Милан Ристовски исто така игра во Словачка, а репрезентативци ни дремат на клупа во ерменски Пјуник.

Примаме голови и правиме грешки во одбраната. Висар Муслиу, кој и не грешеше конкретно, игра во Трета лига во Германија, а Дарко Велковски, кој кардинално згреши со Грузија, отиде во Саудиска Арабија. Да не се лажеме, тоа дефинитивно не е врвен фудбал. Прашајте го Џани Алиоски, ако не верувате.

Моментот што дава надеж е дека навистина играме добро – во поле. Има игра, тече топка, градиме посед, создаваме и шанси. Но, на половина сме од патот што го потенцира селекторот Боби Милевски.

На секој натпревар, со малку посериозна селекција, примаме гол по наши грешки, што секако е одраз на недоволен квалитет, дури и ако тоа значи да се задржи концентрацијата 90 минути. И уште пострашно, не даваме голови. Имаме обиди, правиме шанси, голови – нема!

Помина овој циклус, можеби малку и да не освести дека не сме „најдобри во свет“ што бевме на Европско преку Лига нации, а еве сега, не можеме ниту еднаш да ја победиме Грузија. Треба да се работи многу, да се увидат грешките, да се подобрат сите сегменти.

Има време, ќе почекаме…Следни се квалификациите за ЕВРО 2024. И како што вели Барди, доволно време сите да подразмислат, како играат во репрезентација.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови