Connect with us

Имавме победа во раце, а им подаривме бод на Исланѓаните (ФОТО+ВИДЕО)

Фудбалската репрезентација на Македонија испушти голема победа во Рејкјавик, имаше водство од 0-2, но во финишот дозволи Исланд да израмни на 2-2. Ова е второ реми за новиот селектор Благоја Милевски на кормилото на А-тимот во неговиот втор меч и пропуштена шанса со триумф да се наметнеме како еден од сериозните кандидати во групата за пласман на СП во Катар.


Дарко Велковски во 12.минута го отвори резултатот со удар со глава по корнерот на Алиоски од левата страна. Македонија имаше доминација, Исланд речиси и да не го виде нашиот гол, а голманот Рунарсон спаси уште некој гол во неговата мрежа по шутевите на Алиоски, Барди и на Костадинов.

На самиот почеток на второто полувреме Езгјан Алиоски со силен и прецизен удар од 20 метри успеа да зголеми на 0-2 во 54.минута. Македонија имаше водство, имаше игра и се одеше кон триумф во Рејкјавик.

Но, потоа голем пад во нашата игра што Исланд успеа да го искористи. Милевски го повлече Енис Барди и веднаш беа испуштени конците во играта на нашиот тим.

Десет минути подоцна, се затресе мрежата на Столе Димитриевски, но по прегледување на ВАР – снимката беше потврдена офсајд позицијата на стрелецот.

Столе Димитриевски имаше лоша реакција во 78.минута, ја одби топката од слободен удар, а натрча Бринјар Инги Бјарнасон и погоди на вистинското место.

Александар Трајковски во 82.минута го погоди дирекот со шут откосо од десната страна, а само две минути подоцна Исланд израмни. Андри Гудјонсен доби топка во петерецот, Висар Муслиу беше невнимателен, му дозволи да шутира од вртење и тој го надмудри Столе Димитриевски.

Во судиското продолжение, Македонија имаше колосална шанса за триумф. Алиоски центрираше, Дарко Чурлинов шутираше, го надмудри голманот Рунарсон, а Инги Бјарнасон спаси на гол – линијата и исфрли во корнер. По корнерот, обид имаше и Адис Јаховиќ, но не беше прецизен.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови